Кирков по обвинувањата: Имам потврда од надлежни институции дека не сум осудуван

„Моето предводење на Зоолошката не ги прави среќни одредени кругови и табори, имам одлични планови да прерасне во центар на Балканот“, порача Кирков

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

Екс-советникот во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, кој иако се уште не е официјално именуван за нов директор на скопската Зоолошка градина, од петокот на вработените им се претставува како директор, објави дека ги следи натписите и дел од коментарите во врска со неговото минато.

Кирков во својата јавна објава обвинува за оркестрирани напади.

-Вистина е дека имам потврда од надлежни институции дека не сум осудуван со што целосно ги исполнувам сите законски услови за позицијата која се споменува. Јас знам дека моето предводење на Зоолошката не ги прави среќни одредени кругови и табори, но мене целта ми е заедно да допринесеме за напредна и успешна скопска приказна со нашата Зоолошка градина.

Сите кои добро ме познаваат , знаат дека целиот мој живот го посветив на животните и хуманиот пристап во начинот на нивното живеење. Јас никогаш не би направил нешто што ќе предизвика или направи штета на било кое животно или единка.

Имам одлични планови за Скопската Зоолошка градина за да прерасне во центар на Балканот и да се носи рамо до рамо со околните Зоолошки центри под ЕАЗА- Европската Асоцијација за Зоолошки и аквариуми, порача новиот директор на ЗОО Скопје кој се уште не е официјално назначен.

Колку за потсетување, активистката за права на животни Мери Јорданова на својот јавен профил на социјалните мрежи објави серија информации поврзани со Кирков, отворајќи прашања за неговото минато и соодветноста за функцијата. Според нејзината објава и пресудата која ја објави, лицето во 2018 година било осудено со правосилна пресуда К бр. 1205/18 на условна казна за кривично дело измама, поврзана со продажба на кучиња. Како што наведува Јорданова, Кирков на купувачи им наплаќал износи од околу 600 евра за кучиња, ветувајќи педигре документација, која подоцна не им била доставена.