На Јапонија ќе и треба време постепено да го укине увозот на руска нафта, изјави денеска премиерот Фумио Кишида по онлајн состанокот на Групата седум најразвиени земји (Г7).
На состанокот во неделата, земјите од Г7 ветија дека ќе забранат или целосно го прекинат увозот на нафта од Русија, без да наведат точно какви обврски презеле секоја од членките Германија, Канада, САД, Франција, Италија, Јапонија и Велика Британија, пренесе Ројтерс.
„За земја која е силно зависна од увоз на енергија, тоа е многу тешка одлука. Но, координацијата на Г7 е клучна во вакви времиња“, им рече Кишида на новинарите.
Како што рече јапонскиот премиер, „што се однесува до временската рамка за намалување или запирање на увозот на руска нафта, ќе ја разгледаме додека ја проценуваме реалната ситуација“.
„Ќе одвоиме време да преземеме чекори кон постепено отстранување“, рече Кишида, без да даде детали.
Ниту еден танкер со руска нафта не пристигнал во Јапонија од средината на април, наведува британската агенција.
Во тој месец од Русија во Јапонија пристигнале околу 1,9 милиони барели нафта, што е за 33 отсто помалку во однос на истиот месец лани.
Јапонија увезува вкупно 33 милиони барели руска нафта, што во 2021 година изнесува четири отсто од вкупниот увоз.
Јапонската влада и компании имаат сопственички удел во проекти за нафта и ЛНГ во Русија, вклучително и два на островот Сахалин од каде што се повлекоа западните партнери Ексон Мобил и Шел.