Ќе има ли „дил“ за инволвираните во конфликтот во 2001? „Пензии за борците од УЧК е нарушување на основите на Македонија“

од Nikola Popovski
707 прегледи

Прашањето на реинтеграцијата на учесниците и жртвите од воениот конфликт во 2001 г. уште еднаш ги разбранува македонското општество и политика. Македонија којзнае по кој пат страда поради постконфликтните пропусти направени пред десетина години. Пропусти, бидејќи постконфликтните мерки на градење на доверба треба да вклучуваат реинтеграцијата на засегнатите луѓе, што не беше направено сеопфатно. Иако премиерот Димитар Ковачевски демантираше, во јавноста излезе поранешниот командант на УЧК, Рамиз Алити кој соопшти дека претседателот на Владата и лидерот на ДУИ, Али Ахмети договарале законско решение кое ќе ги вклучи сите категории кои настрадаа во вооружениот конфликт во 2001 година. Според Алити договорот меѓу двајцата лидери на политички партии покрај борците на УЧК вклучувал амнестија и за други категории како лица вклучени во случајот со Куманово, случајот со Порој и други. Тој додава дека пред неколку месеци претседателот на ДУИ го отворил ова прашање со премиерот Ковачевски и со поранешниот генерал Ангелов и изразил подготвеност да се донесе закон бидејќи тоа би било полезно за сите граѓани независно кој на чија страна бил или кого поддржувал во 2001 година.

Универзитетските професори и правните експерти посочуваат дека и покрај законската регулатива, како што се Законот за бранителите од 2002 година или Законот за правата на воени инвалиди од 1996 година, бранителите и воените инвалиди од конфликтот во 2001 година не можат во целост да ги остварат своите права. Околу т.н. „изедначување“ на борците од УЧК и бранителите, универзитетскиот професор Оливер Андонов и лидер на „фракцијата за демократско ревитализирање“ во ВМРО-ДПМНЕ, порачува дека тоа е сериозен мајтап. Во разговор за „Локално“ вели дека немаме релеватни предлози и што би се содржало за да можеме длабински да коментираме за содржината, но од политички аспект, укажува дека во случајов државата се третира како хемиски елемент кој ќе се стави во лабораторија, па ќе ги менуваме условите како ќе функционира државата.

-Тоа е на штета на државата и не доведува да живееме ден за ден и да имаме полу-држава, оценува Андонов.

Смета дека ова се должи на тоа што се ближиме до избори.

-Знаете како викаат „што бабата сонувала, тоа на бабата и е мило“… Учесниците во ОНА или УЧК тие со закон веќе беа аболицирани, но сторителите на кривично дело тероризам останаа. Тоа е примерот кој Заев ни го направи по однос на настаните од 27-ми април, а со посебно толкување на законот и Уставот, други луѓе беа аболицирани од сторени кривични дела нечовечко однесување и мачење, кои спаѓаат во воени злосторства. Можам слободно да кажам ако некој веќе бил осуден за тероризам, државата не може да даде благодарност. Какво е тоа барање државата да ги изедначи бранителите со поранешните борци од УЧК? Ова е класичен пример за одлика на окупирана политичка сцена. Предлогот е несериозен, дециден е Андонов, потенцирајќи дека ист став има и неговата фракција.

Оливер Андонов

Што ќе се случи ако се изедначат двете страни, прашува професорот, истакнувајќи дека со измените во членовите 353 и 394 од Кривичниот законик, се аболицираа луѓе кои извршиле кривични дела против државата.

-Сега уште ние треба да дадеме пензии на терористи или на некој да ги глорифицираме? Тоа е нарушување на фундаментот на Македонија и еднаквоста на граѓаните пред законот. Како после од нив ќе бараме да гласаат и да ги почитуваат законите? Како после ова утре некој ќе ја брани татковината? Ова е глупаво и срамотно и не знам дали заслужува коментар. Наместо ВМРО-ДПМНЕ да излезе и да каже дека ова е несериозна работа… Ние имаме друга потреба од помирување на граѓаните меѓу себе, потенцира Андонов.

Поранешниот генерал и лидер на Достоинство, Стојанче Ангелов, во изјава за Канал 5 вели дека за него е неприфатливо со ист закон да бидат опфатени оние кои ја нападнаа држвата и оние кои ја бранеа. Истакнува дека никогаш нема да дозволат во еден Закон да бидеме израмнети со оние коишто ја нападна државата. Во мај годинава, самиот Ангелов информираше дека поднел иницијатива до Владата за да се донесе одлука за обесштетување на бранителите од 2001 година. Од страна на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е дадена недвосмислена поддршка, но и зелено светло таа да биде сериозно разгледана, рече тогаш поранешниот бранител.

Н.П.

Слични содржини