Ќе има настава на албански јазик во Чашка доколку бидат овозможени пристојни услови

од Nikola Popovski
83 прегледи

Постои можност да има настава на албански јазик во општина Чашка од септември, но доколку бидат овозможени пристојни услови за учениците, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во одговор на прашањето дали има дискриминација во случајот со ООУ „Тодор Јанев“ во Чашка каде што минатата учебна година имаше протести од родители. Новата министерка нагласи дека правата на сите ученици по закон ќе бидат почитувани.

Посочи дека родителите на десетината деца за кои се бара настава на албански јазик во тоа училиште „пред да настане проблемот“ имале потпишано изјави дека децата ќе им учат на македонски јазик, бидејќи, рече Јаневска, средината е од мешан етнички состав и тие ги знаат двата јазика. Дополнителен проблем е, додаде таа, што дел од нив не се со адреса на живеење во тој реон.

Додаде дека за проблемот со училиштето и начинот како е решаван од МОН имало многу неправилности „дури и до тоа што децата кои требаа да учат на албански јазик беа сместени во училишен дом кој беше затворен и имаше опасност по нивниот живот“.

Јаневска најавува реформи и во инклузивното образование и зголемување на бројот на образовни асистенти. Најави широка расправа со стручните лица, наставниците и родителите. Комисијата за заштита и спречување од дискриминација пак, упати критика до МОН дека во минатото воопшто не соработувала со институцијата и бараат промени во законите за основно и средно образование, како и законот за учебници. Според нив, веднаш треба да се стави крај на сегрегацијата на децата Роми.

Родителите на учениците Македонци не дозволуваа и вонстатутарно отворање на албанска паралелка која ја одобри МОН, а ја прифати директорката Елена Николова која пак беше назначена од екс-министерот Јетон Шаќири откако тој му ги одзеде ингеренциите врз ООУ „Тодор Јанев“ на градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски.

Неколку денови полиција од Велес и Чашка беше и тампон зона помеѓу родители и директорката, а еднаш мораше и да интервенира за да ја спречи топлата да и се нафрли на Николова.

Слични содржини