Плаќањето во готово нема да исчезне во земјите од ЕУ, може сепак да биде силно ограничено – како мерка против перењето пари. Дали сепак тоа ќе ги даде очекуваните резултати?-анализира DW.
Банкнотата од 500 евра беше воведена во 2002 година по барање на германскиот министер за финансии. Таа многу наликува на банкнотата од илјада германски марки. Германците и бизнисот секогаш ги сакале парите во готово. Речиси половина од трансакциите во Германија денес се вршат во готово, иако трендот е надолен.
Да останат ли и во иднина банкнотите од 500 евра? ЕЦБ треба да ги процени ризиците и да направи соодветни предлози. ЕК стравува дека банкнотите од 500 евра помагаат на криминалците да не се шетаат со големи количини готовина. Така на пример две илјади банкноти од по 500 евра се еднакви на еден милион, но тежат не повеќе од два килограми. “Во никој случај не станува збор за забрана на парите во готово”, увери германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле.
Загриженоста на Грците
Според грчкиот весник “Катимерини”, банкнотата од 500 евра ужива голема популарност и во Грција. Во екот на финансиската криза, во последната година Грците повлекле од банките 40 милијарди евра. Половина од оваа сума била во банкноти од по 500 евра. И до денес овие банкноти се скриени некаде.
Ова е светот за 10 години: 11 предвидувања на американските разузнавачи
“Сигналите дека банкнотите од 500 евра може да се симнат од финансикиот сообраќај, ги загрижи Грците. Многу загрижени депоненти се обратија кон банките со барање да ги разменат нивните пари во помали апоени”, пишува уште грчкото издание. Според податоците на ЕЦБ, банкнотите од 500 евра сочинуваат речиси една третина од вкупната вредност на пари на располагање во еврозоната.
“Никој не ги забранува парите во готово”
Евентуалното укинување на банкнотите од 500 евра и ограничување на готовински плаќања меѓу приватни лица до 5 илјади евра предизвика бран негодување и во Германија. Претседателот на Бундесбанк, Јенс Вајдман смета дека евентуалното ограничување на плаќањата во готово е неправилно. А поранешниот претседател на Уставниот суд, Ханс-Јирген Папир тврди дека ваквата мерка е неуставна, бидејќи ги ограничува граѓанските слободи.
Во објавена анкета од банките во средата , мнозинството Германци го отфрлат лимитираното плаќање во готово и укинувањето на парите во готово. Сепак, германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле држи цврсто за рестриктивни мерки, за да се подобри борбата против перењето пари и финансирањето на тероризмот.
“Никој нема да забранува на луѓето да поседуваат големи суми во готово”, увери Шојбле на средба на министрите за финансии во Брисел.
Горна граница за готовински плаќања
Германскиот министер за финансии инсистира на воведување на заеднички правила за целата ЕУ за плаќање во готово. За некои сектори е воведена горна граница за плаќање во готово – за плаќање со банките, игри казина, градежните компании и адвокатите горната граница сега е 15 000 евра. До 2017 година таа треба да биде намалена на 7 500 евра – за цела Европа. Секоја земја-членка на ЕУ може да воведе горна граница за плаќање во готово и во други сфери – како сама што ќе одлучи .
Плаќањата во готово уживаат посебна популарност меѓу Германците, но исто така и во Австрија, Луксембург, Словенија, Латвија и Литванија. Во овие земји нема ограничувања за плаќање во готово. Во сите други земји има воведена горна граница. Во Франција и Италија, на пример, можете да плаќаат во готово само до илјада евра. Сите поголеми суми треба да бидат префрлени по банкарски пат. Тоа овозможува следење на паричните текови, што е важно за борбата на тероризмот и даночното затајување.
Сосема без пари?
Повеќето експерти се сомневаат дека лимитот на плаќањата во готово ќе ги даде очекуваните резултати? Истражувачот на сивата економија Фридрих Шнајдер изјави за ФАЦ дека оваа мерка “нема да донесе речиси ништо”, бидејќи перењеѕо пари денес веќе се врши безготовински преку фирми фантоми. “Организираниот криминал воопшто не е толку досаден”, вели тој.
Германскиот економист Петер Бофингер пак се залага за целосно отстранување на парите во готово – во корист на електронското плаќање. Тој тврди дека централните банки ќе можат многу полесно да водат монетарна политика без готовина. Австрискиот министер за финансии Ханс Јерг Шелинг се обиде да ги смири духовите, велејќи дека “уште долго време ќе имаме потреба од готовина”.
