Полицијата во Будимпешта донесе одлука да го забрани одржувањето на ЛГБТК+ маршот, кој беше закажан за 28 јуни во центарот на градот. Оваа одлука доаѓа по неодамнешните законски измени што унгарскиот парламент ги усвои во март, а кои ѝ овозможуваат на владата да спречува јавни собири поврзани со ЛГБТК+ заедницата.
Според полицијата, забраната се темели на стравувањата дека настанот може да биде опасен за малолетници, кои би можеле да бидат изложени на, како што наведуваат, „нелегални активности“. Дополнително, беше истакнато дека „пасивни жртви“ – луѓе кои не сакаат да учествуваат – може да бидат изложени на содржини кои, според властите, се несоодветни за јавен простор.
Организаторите на Прајдот остро реагираа, велејќи дека ова е „вистински пример за тиранија“ и најавија дека, и покрај забраната, маршот ќе се одржи. Прајдот годинава слави 30 години постоење, и традиционално привлекува десетици илјади луѓе во главниот град на Унгарија.
Новите закони, според критичарите и правните експерти, се уште еден чекор кон засилување на авторитарното владеење на премиерот Виктор Орбан. Законот, кој беше изгласан со 136 гласа „за“ и 27 „против“, беше поддржан од владејачката партија Фидес и нивниот коалициски партнер, Христијанските демократи.
Контроверзниот закон, донесен по забрзана постапка, предвидува строги казни за организаторите и учесниците на ЛГБТК+ собири и им овозможува на властите да користат технологија за препознавање лица за идентификација на учесниците.
Како дел од своето образложение, полицијата приложи фотографии и видеа од претходни Прајд-настани како „доказ“ дека тие би можеле да ја прекршат новата забрана за „јавно прикажување или промоција“ на хомосексуалност кај малолетници – дел од т.н. Закон за заштита на децата, кој е особено критикуван од домашната и меѓународната јавност.
Франција, Германија, Шпанија и повеќе од 20 други земји од Европската Унија минатиот месец јавно ја повикаа Унгарија да го повлече законот, предупредувајќи дека тој се коси со основните вредности на човековото достоинство, слободата, еднаквоста и почитувањето на човековите права, како што се наведени во договорите на ЕУ.
И покрај заканите со глоби и кривични санкции, организаторите остануваат решени да го одржат Прајдот и велат дека нема да отстапат од борбата за видливост, еднаквост и слобода.