Во рамки на платформата за дискусија на јавни политики основана од страна на Министерството за финансии – Скопски економски и финансиски форум (СЕФФ), на 15 септември ќе се одржи годишната централна дебата, односно Третата годишна конференција, на тема „Европа – ДА, Европа – СЕГА”. Конференцијата ќе ја отворат министерот за финансии, Фатмир Бесими, премиерот, Димитар Ковачевски и еврокомесарот за буџет, Јоханес Хан. Целта е транспарентна и инклузивна дискусија на релевантни теми, во време кога пред нашите граѓани се отвораат бројни нови можности за повисок стандард, понапредни услови за живот, сигурност и перспектива преку евроинтеграцијата.
На Конференцијата ќе говорат и високи претставници на европските банки – Европската инвестициска банка, Банката за развој при Советот на Европа и Европската банка за обнова и развој, меѓународните финансиски институции како Светската банка и ММФ, УСАИД, претставници од владите во регионот и земјава, дипломати, но и претставници од бизнис-сектор, академската јавност итн. Дискусијата ќе биде распределна во четири панели: “Забрзување на европската и регионалната интеграција”; “Унапредување на окружувањето за економски просперитет”;”Геополитика и политика” и „Глобални трендови и бизнис можности”.
СЕФФ е иницијатива на Министерството за финансии за обединување и дебата помеѓу креаторите на политиките и политичките претставници, меѓународните партнери за развој, граѓанското општество, академската јавност, бизнис-секторот и другите експерти, со цел креирање синергија на идеи и иницијативи за економско закрепнување и инклузивен, забрзан и зелен раст. Оваа платформа е резултат на заложбата за транспарентен и инклузивен дијалог со сите општествени чинители од земјата, регионот и пошироко, имајќи предвид дека инклузивноста е основа за носење одржливи решенија.