Ќе се прави ребаланс на буџет за да се обезбеди најавеното зголемување на пензиите

од Илинка Илиоска
224 прегледи

Со корекцијата што треба да се направи во септември пензионерите ќе го добијат првото линеарно покачување од 2.500 денари, а следното линеарно покачување, исто така од 2500 денари, ќе биде во март следната година, посочи вечерва министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и додаде дека тоа ќе биде потврдено на утрешната прва владина седница.

-Пензионер кој има пензија од 15.000 денари со покачувањето во септември ќе има пензија од 17.500 денари, а со покачувањето во март идната година од 20.000 денари. Таквата пензија ќе ја добива секој месец, а првото вообичаено усогласување на пензиите со трошоците на живот ќе го имаат во септември 2025 година, рече Димитриеска Кочоска во интервју за ТВ Сител.

Нагласи дека со ребалансот на Буџетот ќе треба да се обезбедат уште околу 80 милиони евра за да можат да се исплаќаат зголемените пензии. Од нив, како што кажа, околу 40 милиони евра се за линеарното зголемување, а останатите 40 милиони евра не биле предвидени од поранешната власт во Буџетот за годинава за непречена исплата на пензиите. Во фокусот на ребалансот, како што кажа, ќе бидат општините, пензиите, парите за плати, а се друго ќе се крати.

Слични содржини