Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека ќе се врати железничката линија за Грција од Битола до Лерин, но без конкретен одговор кога тоа би се случило.
-Многу експонати ни оставија. Многу споменици. Сите еден под еден ги решаваме, така и оваа секција ќе биде решена. За жал, многу експонати, многу лоповлук, многу лоповлук и многу криминал. Паралелно тие две работи и ги решаваме технички, но и го решаваме лоповлукот и криминалот, кажа Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање и констатација дека „пругата стои како експонат“.
Се уште се чека да свирне возот по новата пруга. Во 2022 година, оптимистички беа најавите на Македонски железници – инфраструктура, според кои, за еден месец требаше да почне да сообраќа патнички воз од Битола до Лерин по новонаправената железничка пруга Битола-Кременица. Сепак до денес нема остварување.
Железници – инфраструктура уште тогаш ја доби и употребната дозвола за пругата издадена од Министерството за транспорт и врски.
Железничката пругата од Битола до пограничното село Кременица, на самата гранична линија со Грција е во должина од 17 километри. Крак со станица за претовар има и во индустриската зона „Жабени“ кај Битола, покрај која минува пругата. Со проектот се изградија 9 мостови, 38 пропусти, 30 премини за животни, нова станична зграда и објект за сигнализација и телекомуникации на потегот меѓу Битола и Кременица.