Ќе се влошат ли односите меѓу Скопје и Белград по гласањето „за“ прием на Косово во Советот на Европа?

од Nikola Popovski
300 прегледи

Вчера беше одобрено барањето на Косово за прием во Советот на Европа. Комитетот на министри на Советот на Европа има 46 земји-членки, а барањето на Приштина ќе биде проследено до Парламентарното собрание на Советот на Европа. Зелено светло веќе дадоа 33 земји, меѓу кои Црна Гора, Словенија, Северна Македонија, Хрватска и Албанија, додека воздржани беа земји како Грција, Словачка, Босна и Херцеговина, Молдавија и Украина. И додека косовската јавност го поздрави ваквиот потег, од официјални српски власти беа испратени „отровни стрели“ кон поддржувачите на зачленувањето на официјална Приштина.

Се поставува прашањето дали македонското „да“ за прием на Косово, може да ги влоши односите меѓу Скопје и Белград? Според професорот и аналитичар на состојбите, Мерсел Биљали, не може да дојде до нарушување.

Мерсел Биљали

-Кој добро го познава Вучиќ, знае дека тој е врвен играч. Тој балансира меѓу расположението во Србија, кое за жал е изградено уште одамна дека Косово е нивен дел и тоа што треба да се направи. Вучиќ е согласен, иако јавно нема да го каже. Надвор од секаков разум е да се помисли дека ќе се нарушат односите и ќе се одрази негативно врз Македонија. Изјавата на Дачиќ е само за амортизирање на моменталните задоволства, вели Биљали за „Локално“.

Додава дека БиХ е друго бидејќи таму трите ентитети носат одлуки за круцијални прашања.

-Додека Додик е таму, тоа ќе биде кочница и за Косово и БиХ, смета Биљали.

Според него, одобрувањето на косовското барање, треба да се третира во склоп на преговорите и непотпишаната спогодба од Охрид меѓу Србија и Косово.

-Постои одредба која е многу јасна и која вели дека Србија нема да го попречува зачленувањето на Косово во меѓународниот организации, а Советот на Европа е исто така релеватна организација. Дури и да гласаат против, тоа не е попречување. Попречување не би било дури и кога Србија би кажала ако се прими Косово, ние се повлекување од членството. Практично тоа не е попречување за Косово и со тоа се оформува меѓународен сегмент. Таму членуваат и земји кои го немаат признаено Косово како држава, но претпоставувам дека во нареден период ќе го признаат како на пример, Шпанија, Грција, Кипар. За нас е позитивно затоа што е важно за целиот регион да се смири регионот – што повеќе се смирува, повеќе се ориентира кон економскиот развој, како што е иницијативата „Отворен Балкан“, иако за жал, на Косово се третира како негативно нешто, оценува Биљали.

Професорот е дециден Заедницата на српски општини (ЗСО) мора да се случи.

-Тоа е уште од претходно и е јасно дефинирано. Не гледам ништо лошо во тоа. Зошто би било лошо? Претпоставувам и дека постојната косовска влада е согласна со тоа. Не можеме со страв да ги гледаме работите. И другата страна има страв, но мора тоа да се елиминира. Не можеме постојано да живееме во стравови, заклучува Биљали.

Башким Селмани

Универзитетскиот професор Башким Селмани во изјава за „Локално“ смета дека ваквиот развој на настаните е поради тоа што светскиот поредок и големите сили бараат друг консензус за Балканот да се смири и да се постапува во одредени позитивни постапки.

-Самите изборите што се одржаа во недела, покажаа дека Србија и Косово на терен се смирени, вели Селмани за одобрувањето на барањето на Косово за прием во СЕ.

Се согласува дека ЗСО е веќе потпишана од косовската страна и еден е од основните договори.

-Сега само се договораат начинот и моделите се договараат, дали ќе биде во склоп на косовскиот устав или да биде како дел од статутите на општините. Тоа е завршена работа, само се бараат начини како да бидат задоволни двете страни, ни рече Селмани.

Во однос на Македонија и Србија, соговорникот се надева дека нема да ги наруши односите бидејќи самиот Белград ги знае притисоците од каде се и како постапува глобалната политика.

-Македонија секогаш играла добра улога во надворешната политика и е определена за европски цели. Сега не може да ја ризикува својата иднина заради соседите, но е многу внимателна. Самите односи меѓу Косово и Србија се смирени и не верувам дека ќе има последици по Македонија. Мораме да гледаме напред кон европската иднина. Србија знае дека Македонија мора така да игра во однос на меѓународната политика, појаснува професор Селмани.

Н.П.

Слични содржини