Ќе соборува ли НАТО руски ракети: Полски функционер споменува „контранапад“ ако руски проектил „залута“ подлабоко на територија на Алијансата!

Полското Министерство за надворешни работи го повика рускиот амбасадор во Варшава, Сергеј Андреев, лично да оди во министерството и да даде изјава за инцидентот, но тој го одби тоа барање.

од Бети Божиноска
387 прегледи

Анджеј Шејна, заменик-министер за надворешни работи на Полска, вели дека НАТО наводно ја разгледува опцијата за соборување руски ракети ако тие „залутаат“ премногу блиску до границите на Алијансата.

Во изјава за полскиот RMF24 што ја пренесе и „Киев индипендент“, Шејна потсетил дека Полска била принудена да ги подигне борбените авиони за да го заштити сопствениот воздушен простор за време на нападите со беспилотни летала и ракети што ги изврши Русија врз Украина на 24 март.

Потоа руска крстосувачка ракета навлезе во полскиот воздушен простор и остана таму 39 секунди, по што се упати назад кон Украина- инцидент по кој Варшава побара објаснување од Москва.

Полското Министерство за надворешни работи го повика рускиот амбасадор во Варшава, Сергеј Андреев, лично да оди во министерството и да даде изјава за инцидентот, но тој го одби тоа барање.

Шејна вели дека „(Русија) знаела дека ако ракетата навлезела подлабоко во Полска, ќе била соборена“.

„Би следел контранапад. Во НАТО се анализирани различни концепти, меѓу кои и дека таквите проектили се соборуваат кога се многу блиску до границата на НАТО,“ изјави заменик-шефот на полската дипломатија.

Шејна додава и дека „таквиот предлог треба да биде одобрен од украинската страна“.

„Киев индипендент“ потсетува дека руски ракети и претходно влегувале во полскиот воздушен простор за време на нападот на Украина. Така, на 29 декември 2023 година, Полска ги подигна своите одбранбени капацитети на највисоко ниво поради ракета која навлезе во полскиот воздушен простор.

Претходен инцидент се случи на 15 ноември 2022 година, кога ракета долета на полска територија за време на масовниот руски напад врз Украина, при што загинаа двајца цивили на полската страна од границата. Полските истражители подоцна заклучија дека стануваа збор за „залутан“ украински проектил истрелан од украинската ПВО за пресретнување руски проектил.

Слични содржини