Лидерот на СДСМ најави воведување на кадровски промени, откако голем дел од нивните кандидати за градоначалници не успеаја да влезат во вториот круг на овогодишните локални избори. Партијата несомнено се соочува со одреден неуспех, со оглед и на тоа што во Градот Скопје дури имаше четврти резултат. Останува дискутабилно дали партијата ќе успее да си го врати успехот или само ќе остане на маргините на македонското политичко небо.
Професорот и поранешен амбасадор Нано Ружин за „Локално“ вели дека е вообичаено после секој изборен циклус да има вонредни конгреси и конференции на кои се избираат нови кадри, затоа што изборите се еден вид регулатор на добрата или лошата работа на одредени луѓе.
-Не само што тоа е најавено од Филипче, гледаме и Мицкоски најави дека ќе има промени и во Владата. Тоа е сосема нормална политичка епизода во секоја држава, додава Ружин.
Сепак, додава, освен кадровски треба да има и стратешки промени.
-Потребни се и стратешки промени, да одлучи партијата каква стратегија да заземе, на кој начин да реагира, какви се односите кон одредени прашања во државата од локално во централно ниво. Само кадровската промена не е доволна, додава Ружин.
Како што вели, неопходна е системска промена, доколку се констатира дека една политичка партија доживеала пораз, односно не ги исполнила посакуваните цели и резултати.
Тој смета дека мора да се промени нешто, за да се има подобра позиција на следните настани.
Прашан што е последица на ваков пораз на СДСМ во првиот круг од локалните избори, Ружин напомена дека партијата плаќа данок на сериозни пропусти во нивното делување.

Фoто: Принтскрин
-Најверојатно се плаќа данок на некои сериозни пропусти во партијата, во однос на делување, изборната база, клиентализам, роднинска основа, форсирање на кадри кои што се веќе непопуларни и кои што се надминати, несоодветни коалиции, недостаток на визија, недостаток на луѓе и на членство, посочи Ружин.
Според Ружин, потребна е детална анализа од експерти во однос на ваквиот неуспех на СДСМ.
-Не е целта само да го напаѓате другиот конкурент, туку мора да имате самокритички осврт. Мислам дека тој самокритички осврт не беше присутен во СДСМ, вели Ружин.
Ружин појаснува дека СДСМ би можел потворно да го врати успехот од периодот 2016/2017 година, после еден изборен циклус.
Во однос на преминувањето на голем дел од членството на СДСМ во ЗНАМ, Ружин посочи оти партијата ЗНАМ е еден вид грешка на СДСМ.
Тој вели дека ЗНАМ собира поранешно членство, но нема јасна социјалдемократска платформа.
-Дел од луѓе сметаат дека тоа е вистинското СДСМ. Таков беше случајот со партијата на Тито Петковски, која исто така од некое разочарување замина од СДСМ. Постои психоза во СДСМ, каде што некогаш непотребно се бараат непријатели. Ако во државата, ако во политичката култура постоеше легализација на фракциите, тогаш СДСМ немаше да доживее такво издвојување на членството, вели Ружин.
Тој смета дека личноста на првиот човек треба да биде доволно зрела, да сфати дека фракциите се многу важен елемент на интегритетот на една политичка партија.
Ружин е на ставот дека вообразеноста и суетата се главните две слабости на СДСМ.
Прашан дали Левица е пред преземање на приматот СДСМ во левиот спектар, Ружин одговори дека лидерот на Левица има харизма за младите, бидејќи отворено критикува, но тој никогаш не бил во власта.
–Кога би дошол на власт, тогаш мислам дека би прекинал да критикува. Левица има две пречки. Има погрешна геополитичка ориентација и погрешен став кон мултиетничка Македонија. Треба да сме реалисти. Живееме во држава која не е еднонационална, можете моментално да имате успех, но мора да сфатите во кој свет живеете. Мислам дека сепак системот во Македонија ќе биде поделен меѓу две партии. Можеби СДСМ трпи тоа што се случи, но на ниво на нашата држава ако бараме две партии кои насекаде имаат свои канцеларии и иразвиена инфраструктура, тоа се СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, рече Ружин.
Тој е на ставот декам СДСМ мора да се врати кон оригиналните корени на социјалдемократијата, кон граѓаните и кон младите.
Б.Т.