„Ќерката на амбасадорот која проговори по децении: Мелиса Прајс открива шокантни детали за нападот од Мохамед Ал Фајед“

од Љубиша Владимиров
70 прегледи

Мелиса Прајс беше 19-годишна ќерка на американскиот амбасадор, која живееше среќен и исполнет живот во Лондон во средината на 1980-тите. Често го придружуваше својот татко, Чарлс Прајс, на церемонијални обврски, при што имаше можност лично да се сретне со поранешната британска премиерка Маргарет Тачер и американскиот претседател Роналд Реган.

Нејзините родители, Чарлс и Керол Прајс, редовно организираа свечени вечери и приеми во Винфилд Хаус – официјалната резиденција на амбасадорот во Риџентс Парк. На еден таков настан, Мелиса првпат се сретна со египетскиот милијардер и сопственик на луксузната стоковна куќа „Хародс“, Мохамед Ал Фајед. Тој штотуку го купи „Хародс“ како дел од својата очајна кампања да биде прифатен во британското високо општество.

„Седеше десно од мене за вечера со уште 12 гости. На почетокот ми изгледаше шармантен и забавен, но вистината беше сосема поинаква“, изјави Мелиса за „Дејли мејл“.

Обид за силување

Неколку недели по тој настан, вистината се разоткри кога Ал Фајед ја нападна на неговата јахта крај брегот на Сен Тропе. Се нафрли врз неа одзади, ја стегна толку силно што не можеше ни да се движи, ниту да дише нормално. Потоа упати неколку грозоморни барања и сексуални закани, оставајќи ја во шок.

„Се обиде да ме силува. Тоа беше првпат кога вистински почувствував страв за својот живот. Бевме опкружени со море, без ниедна точка на копно“, раскажува таа, додавајќи дека британските вработени на Фајед, меѓу кои и поранешни војници, ја слушнале, но не направиле ништо.

Успеала да побегне откако го гризнала за раката. „Тоа беше акт на очајна самоодбрана. Ја искинав ткаенината на неговиот египетски кафтан. Тој јасно ми ги кажа своите намери, но јас не планирав да се предадам.“

„Тој е чудовиште“

Во септември 1986 година, Мелиса не се осмели јавно да зборува за тие „мрачни, вознемирувачки денови“. По 48 часа без контакт со неа, нејзиниот татко го вклучи алармот и свика итен состанок со премиерката Тачер, Белата куќа и ЦИА.

И денес, речиси четири децении подоцна, таа физички реагира кога ќе види фотографија од Фајед. „Тој е чудовиште“, вели таа. „Тоа ми го промени животот и секогаш ќе ме следи.“

Фајед, според неа, имал „изопачено чувство на право“. Сметал дека неговиот статус го надминува оној на нејзиниот татко, но – погрешил. „Тато беше дипломат со цврст карактер, а некој како Фајед немаше шанси.“

Замаскирана понуда за работа

Мелиса студирала историја на уметност на Лондонското училиште за ликовни уметности. По првата средба, Фајед ѝ понудил работа во неговите канцеларии во Парк Лејн. „Мислев дека можеби ќе биде интересно, но не претпоставував дека зад тоа стојат други мотиви“, вели таа.

Брзо сфатила дека нешто не е во ред. „Доаѓаше кај мене секое утро, прашуваше дали го имам пасошот. Еден ден ми рече: ‘Денес одиме во Париз’. Да знаевме за неговите предаторски тенденции, никогаш немаше да работам за него.“

Кобната ноќ во Париз

Во Париз прво ја однел во својот стан, потоа во хотелот „Риц“. Таму организирал „работна вечера“ која наликувала на романтичен состанок. „Му реков дека никогаш нема да спијам со него“, се сеќава Мелиса.

Како казна, вечерта ѝ била исклучена струјата во собата. Барала начин да се јави на своите родители, но била следена од телохранител. „Ми го зеде дипломатскиот пасош. Се чувствував како затвореник.“

Сен Тропе и нападот

И покрај нејзиното противење, Фајед ја однел на јахтата во Сен Тропе, уверувајќи ја дека ќе се врати следниот ден. Но, таму повторно ја малтретирал. „Бев вербално и психички злоупотребена со часови“, вели таа. Во еден момент, пред сите, најавил дека е време за секс, третирајќи ја како сопственост.

На нејзин ужас, следниот ден на јахтата се појавила друга млада девојка, потенцијално негова „резерва“. „Тогаш сфатив дека тргува со жени“, додава Мелиса.

Помош од Тачер и враќање дома

Татко ѝ побарал помош од Маргарет Тачер. Дури и кралицата Елизабета, преку доверлив посредник, била информирана. Мелиса конечно се вратила дома, пречекана од обезбедувањето на нејзиниот татко и полицијата. Следниот ден, Фајед почнал да праќа подароци. „Татко ми беше бесен. Напиша писмо што јас го потпишав, со кое го прекинав секој контакт со него.“

Тие лично ги вратија сите подароци пред неговата врата – со телохранители и камери како сведоци.

Последиците

Месеци подоцна, Мелиса беше поканета на ручек со Тачер. „Таа беше потресена. Верувам дека затоа Ал Фајед никогаш не доби британско државјанство“, вели таа.

Семејството Прајс ги известило и Роналд и Ненси Реган. Првата дама била ужасната.

Години подоцна, кога британскиот продуцент Китон Стоун почна да работи на документарец за Фајед, Мелиса доби писмо. По пет недели размислување, реши да проговори. Денес, 57-годишната Мелиса е една од најмалку 170 жени кои покренаа правна постапка против него.

„Мило ми е што вистината конечно излезе на виделина и што имаме реална шанса за правда“, завршува таа.

Слични содржини