„Верувам дека од самиот почеток беше грешка да се вклучат теми како идентитет и јазик во политички извештај“, вели бугарскиот европратеник Илхан Ќучук кој припаѓа на парламентарната група „Обнова на Европа“, за вчерашното гласање на Извештајот за напредокот на Македонија кон полноправно членство во ЕУ. Ќучук е поранешен известувач за нашата земја во Европскиот парламент.
Запрашан да прокоментира за отфрлените термини за македонскиот јазик и идентитет од годишниот извештај за Македонија, тој додава дека улогата на извештајот за земјата низ годините е непотребно преоптоварена, бидејќи документот треба да илустрира, де факто да даде политичка оценка за тоа што се случува во Македонија според одредени индикатори.
„Ова не е историска комисија, ниту пак овој извештај е повикан да го реши долгогодишното македонско прашање. Значи, од оваа гледна точка, јас сум задоволен, бидејќи спаѓа во нејзините рамки“, рекол Ќучук.
На прашањето дали рокот до 2027 година, споменат за време на вчерашната дебата во ЕП за започнување на официјалните преговори за пристапување на Македонија во ЕУ, е реален, европратеникот порачал дека ова зависи исклучиво и само од Македонија и домашните власти.
„Кога ќе започнат преговорите зависи исклучиво и само од С.Македонија, бидејќи францускиот предлог е на маса – тоа е европски предлог кој беше прифатен, вклучително и во Скопје. Отсега, мора да се демонстрира јасна политичка волја и од владејачката партија и од опозицијата (во Македонија) за да се изгради овој национален консензус“, додал Ќучук во изјава за „БТА“.
Според бугарскиот европратеник, пристапувањето во ЕУ бара многу работа, но пред сè, потребна е политичка волја за да се покаже каде се движи земјата. Тој верува дека 2027 година е реален рок за пристапување во ЕУ за Албанија и Црна Гора, бидејќи, како што вели, процесот на преговори оди добро за нив.