И покрај критиките за состојбата во болницата во Кочани, каде што се згрижени дел од повредените од неодамнешната трагична несреќа, здравствените власти уверуваат дека пациентите добиваат соодветна нега. Зоран Клековски, во изјава за Радио Слободна Европа, вели дека деловите од болницата каде има прокиснување не се користат за лекување на пациентите.
„Се прават физикални терапии и се вршат преврски. И тоа не од локален кадар, туку од тим од Клиниката за пластична хирургија,“ објаснува Клековски.
Тој додава дека сите посериозни и специфични третмани, како оперативни зафати или третман со збогатена плазма, се вршат во скопските здравствени установи – Клиниката за пластична хирургија, ГОБ „8 Септември“ и „Свети Наум“. Од самиот почеток било јасно дека Кочани нема да биде центарот за овие интервенции.
Во меѓувреме, граѓански организации алармираат дека болницата во Кочани нема доволно опрема, а се собираат и донации за медицински помагала и ракавици. Клековски пак, вели дека залихи постојат:
„Силиконските гелови ги има доволно, ракавиците се веќе нарачани од стручњаци од Бугарија. Дел од препаратите не се регистрирани кај нас, па се врши интервентен увоз. Треба смирено да се анализираат работите – ова се медицински прашања, и тука лекарите го имаат последниот збор,“ истакна тој.
На прашањето зошто се уште се користи постара терапија за дијабетичарите, Клековски одговара:
„Сите инсулини се набавуваат од светски производители. Станува збор за безбедни и проверени производи. Но треба да бидеме реални – со здравствен придонес од неколку евра, не можеме да имаме здравство како во Шведска. Не сме на врвот на светските ранг листи.“
Тој додава дека Фондот за здравство мора да работи според принцип на еднаквост:
„Не може една група пациенти да добие најмодерна терапија, а друга да остане без ништо, само затоа што немаат здружение кое ќе ги застапува. Тоа би било неправедно“.
Иако условите во дел од здравствените установи не се идеални, одговорните уверуваат дека пациентите се згрижени согласно протоколите и расположливите ресурси. Здравствената реалност, според Клековски, е онаква каква што и самата држава може да си ја дозволи.