Во интервју за Билд, градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, ја обвини германската влада за „предавство на пријател“ поради нејзиното одбивање да испорача оружје на Украина, додека САД и Обединетото Кралство повлекуваат дел од персоналот од Киев.
Милијардите што Русија ги инвестираше во лобисти, поранешни политичари и германски концерни му се исплатеа на Владимир Путин (69), пишува Билд, цитирајќи го поранешниот боксерски шампион, а сега градоначалник на Киев, Виталиј Кличко (50). Најтиражниот германски весник наведува дека Украина не е само разочарана од одбивањето да испорача оружје, туку и од фактот дека „германската влада продолжува да го поддржува проектот Северен тек 2 и во исто време се обидува да ги одврати земјите како Естонија од снабдување со оружје за Украина“.
Во интервју за Билд, Кличко, кој е многу познат во Германија, каде направи голема спортска кариера, не го крие разочарувањето од попустливоста на германската влада кон Русија, пренесува „Дојче веле“.
-Тоа е одбивање да се пружи прва помош и да се предадат пријателите во драматична ситуација, во која нашите граници се загрозени од присуството на руски војници, рече Кличко, додавајќи: „Многумина се прашуваат на чија страна всушност е германската влада? На страната на слободата, а со тоа и на Украина или на страната на агресорот?“
Кличко продолжи дека Германија треба да се грижи „законски да им забрани“ на лобистите како поранешниот социјалдемократски канцелар Герхард Шредер (77) да работат за рускиот режим.
-Важните функции во Германија страдаат од „тотален недостаток на чувство за реалност“, рече Кличко.
-Ме боли тоа што го оправдуваат Путин. Посебно ме боли кога гледам како оние кои покажуваат разбирање за Путин во Германија ја преземаа контролата врз многу важни политички прашања, оценува поранешниот боксер.
Кличко, кој е градоначалник на Киев од 2014 година, во интервјуто додава дека Украина само „сака да биде независна и демократска земја и затоа нејзиниот народ демонстрираше на Мајдан во 2014 година.“
Тој додаде дека Германија треба да разбере дека ситуацијата е многу сериозна бидејќи Путин има стационирано повеќе од 100.000 руски војници на границата со Украина.
„Сега слушам некои политичари кои велат дека Путин нема да ја нападне Украина и дека се работи само за закани и политичка игра. Ме потсетува на дискусијата што и претходеше на инвазијата на Крим во 2014 година. Дури и тогаш, сите меѓународни набљудувачи сметаа дека таков чекор е невозможен“, смета боксерот, забележувајќи дека е Германија да се спротивстави на одлуката на НАТО да и пружи помош на Украина, особено што Украина е во срцето на Европа и опкружена со членки на ЕУ.