Пет експлозии се случија вечерва во зоната на киевската термоцентрала ЦП-6, соопшти градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
– Пет експлозии се случија во интервал од 3-5 минути во близина на ЦП-6. Службите за итни случаи одат таму. Очекуваме да ги дознаеме деталите, напиша Кличко на Телеграм, пренесува Интерфакс Украина.
ЦП-6 е најмоќната термоцентрала во Украина, а се наоѓа на североисточната периферија на Киев во областа Десњански.
Станицата обезбедува централно греење на индустриски компании, станбени и административни згради во областите Дарнички, Днепар, Подил, Десњан и Оболон во главниот град.
Кличко додаде дека мостовите во градот се под заштита и специјална контрола, додека руските војници се приближуваат, пренесува Sky news.
Според него, поставени се контролни пунктови во близина на стратешките објекти.
– Ситуацијата без претерување е закана за Киев. Ноќта ќе биде многу тешка, предупреди Кличко.