Кличко: Русите се олимписки шампиони во злосторства

од Nikola Popovski

Поранешниот боксерски шампион во тешка категорија, Украинецот Владимир Кличко, се вклучи во борбата на Украина против планот на Меѓународниот олимписки комитет.

МОК планира да им дозволи на руските спортисти да учествуваат на Олимпијадата во Париз во 2024 година, што не му се допаѓа на Кличко.

Кличко, кој е градоначалник на Киев, во видео порака рече дека „спортските официјални лица ќе бидат соучесници во војната“ доколку спортистите од Русија и нејзиниот воен сојузник Белорусија можат да се натпреваруваат на наредните Олимписки игри.

МОК минатата недела објави дека Русите и Белорусите кои отворено не ја поддржаа војната можат да се квалификуваат за Олимпијадата и да се натпреваруваат како неутрални спортисти без знаме или химна.

Омекнувањето на ставот на МОК минатиот февруари, дека спортските тела треба да ги исклучат Русија и Белорусија од меѓународните натпреварувања, предизвика гнев во Украина, која предупреди дека може да ги бојкотира Игрите во Париз.

Кличко му се обрати на претседателот на МОК Томас Бах во изјава снимена до зградите оштетени од бомбите.

– Светот ве гледа, историјата ќе ви суди. Вие сте претставник на универзалните вредности и толеранција и мир. Ви велам – Русите се олимписки шампиони во злосторствата врз цивилите. Не можете да го ставите олимпискиот амблем на овие злосторства затоа што ќе бидете соучесници во оваа одвратна војна – рекол Кличко.

Одговарајќи на критиките, од МОК соопштија дека „остро ги отфрлаат овие и други клеветнички изјави“ кои „не можат да послужат како основа за каква било конструктивна дискусија“.

Од таму исто така посочиле дека спортистите не треба да се соочуваат со дискриминација само врз основа на нивните пасоши.

Слични содржини