Поранешниот светски шампион во бокс и актуелен градоначалник на Киев, Виталиј Кличко се приклучи на украинската армија и ги повика и другите функционери да го сторат истото. Имено, тој почнал да тренира со украинските воени резервисти во екот на растечките тензии меѓу Украина и Русија, пренесува „New York Post“.
Кличко, сега градоначалник на Киев, го опиша Путин како „гангрена“ што ја погодува Европа, бидејќи расте стравот дека Русија планира инвазија на татковината на поранешниот боксер.
Кличко (50), избран за градоначалник во 2014 година, дал изјава за Дејли телеграф откако учествувал во воени симулации и тактичка обука додека Русија собира сили на границата со Украина.
„Многу од нас служеа во војската и тие вештини мораа да се вратат. Мислам дека оваа обука е неопходна за високите и средните функционери во земја која е во војна речиси осум години“, рече тој.
Кличко, кој го нарекуваат и „Д-р Железна тупаница“, наводно рекол дека неговото потекло ќе му служи на најголемиот украински град во случај на конфликт.
„Мислам дека повеќе се работи за карактерни црти кои ги споделуваат сите професионални спортисти. Самодисциплината, педантноста, упорноста и силно чувство за фокусирање се клучните принципи кои ви помагаат да успеете, без разлика што правите“, изјави тој за британски „Телеграф“.
„Што се однесува до мојот статус на славна личност, моите врски се од голема корист и ми даваат голема предност“, додаде тој.
„Бидејќи Украина не може да ги надмине тешките предизвици со кои се соочува без пријатели и сигурни партнери“.
100.000 украински воени резервисти, наводно, се поделени на 25 единици кои имаат задача да ги заштитат клучните локации и да го одржуваат редот за време на војната.