Климатски активисти се обидоа да блокираат седум аеродроми во Шведска за да спречат авиони да полетуваат.
Според шведскиот јавен сервис СВТ, уапсени се 14 лица кои се обиделе да ги запрат авионите, меѓу другото и лепејќи се за пистата.
Аеродромот „Брома“ во близина на Стокхолм беше привремено затворен за сообраќај откако климатски активисти влегоа на пистата.
Шведската управа за цивилно воздухопловство соопшти дека ја зголемила безбедноста на своите објекти поради инцидентите.
Extinction Rebellion Sverige ја презеде одговорноста, велејќи дека се залага за прекинување на субвенциите за воздухопловната индустрија.
Акцијата беше спроведена на денот на почетокот на климатскиот самит на ОН COP26 во Глазгов.