Клиниката Жан Митрев ја информира јавноста дека во континуитет изминативе седум месеци болницата се соочувала со координирани постапки од повеќе чинители со намера да се влијае на редовното работење на болницата.
–Во неколку наврати на порталот ДоказМ се објавуваа текстови базирани на информации во предистражната постапка во кои беше најавувано какви мерки ќе бидат преземени против Клиниката Жан Митрев.
За овие индиции за поврзаност да бидат уште поочигледни, се случи токму тоа што го бараше ДоказМ во текстот на порталот со датум 15.11.2022, односно да се блокира сметката на Клиника Жан Митрев и да се забрани продажба на удели!
Три дена после објавата на овој текст на датум 18.11.2022 јавното обвинителство донесува идентична одлука како бараната од Доказ М со која ја усвојува мерката и ја блокира сметката на Клиника Жан Митрев! (ОДЛУКАТА е во прилог на ова Соопштение), соопштија од болницата.
Од таму потсетуваат дека цели три недели сметката на клиниката била блокирана и со тоа се влијаело на редовното работење на болницата.
-Одлуката беше обжалена, забраната тргната. Иако клиниката сега не е блокирана, можноста за повторно блокирање се уште постои поради тоа што судот ја врати одлуката на повторно разгледување. Јавно прашуваме:
Како одлуките на една државна институција се случуваат врз база на она што го пишува порталот ДоказМ? Дали и со каква позадина се пишувањата на ДоказМ, а поврзани со Клиниката Жан Митрев? Дали некој сака намерно финансиски да ја уништи Клиниката Жан Митрев и нејзиното работење преку свесно блокирање на 90 милиони денари? Кој стои зад овој организиран притисок и со намера за нанесување огромна штета на Клиниката Жан Митрев? Дали целта на оваа хајка и операција е непријателско преземање на клиниката преку нејзино носење на раб на економски пропаст за да може да се преземе по багателна цена? Дали некој е свесен во оваа држава дека дневно нашиот тим се бори за над стотина човечки животи? Во контекст на задржување на транспарентноста и барање одговори, ќе бидат известени Хелсиншкиот комитет, Комисијата за заштита од дискриминација, како и Советот за етика во медиумите, порачаа од клиниката.