Во вторникот во прес-клубот на БТА во Софија и во Институтот за Општествените и хуманистичките науки во Скопје, беше претставен новиот Клуб за бугарско-македонско пријателство, како и Повелбата за негово формирање. Иницијаторите за формирање посочија дека тој е формиран врз основа на меѓусебно почитување со желба за искрен дијалог и оти тие пред се се воделе од европските принципи и заедничката европска иднина. Во него членуваат историчари, писатели, поранешни функционери, економски, па дури и поранешни спортисти.
Во обид да дознаеме повеќе за целите на овој клуб, „Локално“ го контактираше еден од членовите и основачите на Клубот од бугарска страна, скулпторот Андреј Врабчев од бугарската фондација „Татковина“. Според него, Клубот надмина 100 членови за само еден ден од официјалното објавување и постојано се приклучуваат нови луѓе од двете земји.
-Ова е показател за неколку работи: на прво место, пропаднаа тврдењата дека ставовите кои водат до конфликт се монолитни и доминантни во нашите општества. Напротив, голема група влијателни и високообразовани луѓе го покажаа токму спротивното. За прв пат беше претставен пристап кој бара заеднички успех и се фокусира на она што не поврзува. Пристап спротивен на досегашниот став: „или се добиваме или сè губиме“, со што се стопираше каков било напредок бидејќи од двете страни би се доживеало како лична загуба, а не како заедничка победа, вели Врабчев.
За интелектуалецот, комуникацијата е услов да се гледаме како што сме, а не како што нè претставува пропагандата.
-Кога нашето лично искуство ќе се спротивстави на пропагандата, ќе можеме да се сомневаме во 100% од тие вистини, тогаш ќе можеме да ја бараме вистината и да доживееме катарза. Создавањето на клубот е таков пример за неусогласеноста на пропагандата со реалноста. Зарем ова не е подобрување на ситуацијата? Додадете го фактот дека пристапот кон нашите односи во јавноста веќе не е без алтернатива. Тоа, пак, ги урива митовите кои се наметнуваат како национални позиции и им служат на луѓето, страните и третите заинтересирани за одржување спорови. Би рекол дека за два дена тоа што е направено не е малку. Мислам дека клубот може да биде клучен доколку успее да ги издржи нападите кои несомнено ќе ги добие од многу страни, потенцира скулпторот.
Откако беше обелоденето дека Клубот ќе формира работни групи во сенка на веќе постоечките формирани од бугарската Влада, Врабчев информира дека работните групи за кои зборува бугарскиот премиер Кирил Петков се на ниво на влади и имаат задача да ги организираат работите и соработката на ова ниво на комуникација.
-Клубот и се што е во него е на граѓанска и лична основа и настојува да ја подобри комуникацијата меѓу луѓето во нашите општества на поинтимно ниво, ако можам така да кажам, како и заштита на европските и евроатлантските вредности. Во оваа смисла, владините комисии создаваат услови да направиме реалност на друго ниво, со што се менуваат ставовите. Промената на ставовите пак отвора нови можности за политичарите и на крајот работните групи ќе бидат од взаемна помош, а не дупликат поради неуспех, вели бугарскиот интелектуалец.
Македонско-бугарскиот клуб ќе формира и своја Историска комисија како алтернатива на сегашната. Врабчев за тоа информира дека „ова нема да биде институција која дава готови одговори на комисијата, некаква алтернативна моќ во сенка“.
-Оваа „Комисија“ е стремеж за транспарентна и гласна јавна дискусија, која ќе ги запознае нашите општества со фактите надвор од идеолошката рамка и ќе бидат подготвени, па дури и заинтересирани за преоценување. Ова ќе ја ограничи можноста за провокации и саботажи во текот на историските спорови, со што ќе се блокираат политичките процеси. Малку ме интересира историјата напишана од другите пред нас и очекувам да постигнам многу во историјата што сега ја пишуваме. Секој што сака да пишува историја мора да заборави на историјата. Сакам да им дадам доверба и да им укажам на нашите општества со нашите секојдневни постапки и не гледам добар начин да му оддадеме почит на минатото за да успееме денес. Дали мислите дека некој од нашата заедничка историја би бил среќен да не види како заедно не успеваме, а сме скарани и се бориме за лозјето на нашиот татко?, прашува тој.
На прашањето дали очекува бугарското вето да биде кренато во јуни, еден од основачите на Клубот вели дека не може да предвиди.
-Долго време верував дека нема јавна дипломатија во нашите односи и мислам дека двете влади не направија доволно за да ги сменат ставовите на јавноста за да може тоа да се случи на безболен начин. Токму како компензација за ова се појави Клубот, оценува Врабчев.
Околу отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, Врабчев смета дека „повторно нашите општества се излажани од оние кои не сакаат да бидеме заедно“.
-Мислам дека имаше синхронизираност меѓу националистите од двете страни, судејќи според настаните. Во секој случај, резултатот им служи само на нив. Со исклучок на испровоцираните, но непредвидени дискусии за Ванчо Михаилов и ВМРО ДПМНЕ, кои се корисни, објаснува скулпторот.
Интелектуалецот порачува дека „да се очекува нешто да се случи во врска со членството на С. Македонија и Албанија во ЕУ со магично стапче е заблуда“.
-На неодамнешниот семинар за војната во Украина и заканите за Западен Балкан под покровителство на Еуроактив и европратеник Радан Канев, ја претставив идејата за регионален балкански сојуз меѓу земјите од ЕУ и членките на НАТО кои не се членки на ЕУ (Македонија, Албанија, Црна Гора), Грција и Бугарија, со цел да ги зближи и да ги интегрира што е можно повеќе и да послужи не само како мотиватор туку и како средство за нивно побрз влез во ЕУ. Таквиот формат ќе обезбеди создавање на потребната средина за решавање на споровите без да се жртвува напредокот на земјите кандидати, предлага Врабчев.
Соработникот во Атлантскиот совет на САД и професор на Оксфорд, д-р Димитар Бечев во разговор за „Локално“ смета дека новиот македонско-бугарски клуб ќе создаде подобра атмосфера и ќе понуди нови идеи, но на крајот, решавањето на спорот, ако можеме да зборуваме за негово решавање, е задача на двете влади.
Според него со формирањето на дополнителни комисии како дел од Клубот, добро е да се слушне гласот на граѓанското општество.
-Колку повеќе идеи и предлози, толку подобро, вели бугарскиот политиколог.
Во однос на формирањето на паралелна Историска комисија, алтернатива на сегашната, Бечев очекува да се постигне нешто повеќе на полето на историјата.
-Да, очекувам. Барем новата комисија нема да биде инструмент Бугарија да ја наметне својата верзија врз македонската страна, туку напротив – форум за продуктивен разговор за минатото и неговото влијание врз сегашноста, додава Бечев.
Што се однесува за кревањето на бугарското вето во јуни, политикологот вели дека не може да прогнозира, но би сакал да биде кренато.
-Тешко дека отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола може да ги наруши односите меѓу двете земји. Напротив, тоа му помага на Петков да му покаже на бугарското јавно мислење дека се грижи за правата на оние во Македонија кои се идентификуваат како Бугари. Со укинувањето на ветото, мора да ги неутрализира до одреден степен критиките од страна на националистите. Во врска со можната брза интеграција на Македонија во ЕУ со оглед на војната во Украина, сметам дека тоа не е пресудно и нема да се случи во брзо време. Но, тоа може да помогне да се започнат преговорите за членство, што не е малку, оценува Бечев.
Фото: БТА
Н.П.