Клубот за младински прашања и политики во Собранието треба да прерасне во формална комисија која ќе може поефикасно и поактивно да ги застапува младите и нивните политики во законодавниот дом – ова е заклучокот од дебатата во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи на која учествуваа повеќе младински организации и дел од младите пратеници од повеќе политички партии. На настанот беше презентиран Документот за идно дејствување на Клубот млади пратеници кој е изготвен од страна на ИДУЕП и Фондацијата „Фридрих Науман“ со цел предлог конкретни активности и мерки кои ќе водат кон подигнување на младинскиот стандард во земјата.
Координаторката на Клубот и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова смета дека овој документ е добра основа за тоа како да се делува понатаму во рамките на овој, како и на следниот парламентарен состав.
„Овие предлози се јасни параметри за тоа како понатаму. Се надевам дека овој состав на Клубот на млади пратеници во кој сега имаме десетина претставници од различни партии, ќе прерасне во формална собраниска комисија за млади. Препораките од овој документ на ИДУЕП и ФНФ се добра основа и ќе ги искористиме како аргументација зошто е тоа потребно. Особено е добро што препораките доаѓаат директно од младите и ги отсликуваат нивните реални потреби и се добра основа да се направи промена,“ изјави пратеничката Зајкова.
Марија Петрушевска, пратеничка од ВМРО ДМНЕ посочи дека е важно што Клубот има посветени партнери во невладиниот сектор и младинските организации кои „ни помаагаат да направиме промени во однос на младинскиот стандард и политики. Чекорите колку и да изгледаат мали тие сепак вродуваат со плод и се прават промени“.
„Оваа публикација треба да биде видлива за сите млади и да ги инспирира јавните институции почесто да седнуваат на маса со невладиниот и граѓански сектор со цел квалитетно и заеднички да изградиме законски решенија и промени со кои ќе покажеме дека имаме национален консензус, особено за нешта кои сите не засегаат како што е миграцијата на младите. Клубот и понатаму стои отворен за соработка на различни иницијативи, а ние ќе ги искористиме сите алатки кои ни се на располагање како пратеници алатки за да ги спроведеме преку Собранието“, рече пратеничката Петрушевска на настанот.
Бојан Кордалов, претседател на ИДУЕП и еден од авторите на Документот нагласи дека токму од овие причини една од клучните препораки во студијата е токму Клубот да прерасне во формално тело.
„Овој документ е заедничка основа и појдовна точка како да се менуваат работите во интерес на младите луѓе. Клубот на млади пратеници е пример како може во креирањето политики да се вклучат и граѓански организации, но првенствено е пример за тоа како пратенички и пратеници од различни партии се обединети во однос на младински прашања и подобар стандард за млади. Нагласувам дека овој документ не е само наш производ, туку на десетици граѓански младински организации, но и политичари кои учествуваа во процесот преку одговори на формален прашалник и преку серија јавни настани од кои произлегоа доста иницијативи. Верувам дека ваквите работи ќе придонесат кон промена на работите на подобро, а би сакал да истакнам и дека текстот на документот го гледаме само како основа на која ќе се градат активностите на Клубот, но и активностите на јавните институции на локално и централно ниво насочени кон и за младите“, изјави Кордалов.
Ко-авторот на Документот, Тоше Зафиров посочи дека недостасува директна вклученост на младите во креирањето на политики и предупреди од последиците на иселување на младите врз иднината на државата.
„Последниот попис покажа фрапантни бројки кои носат загрижувачки трендови. На пример, само 18% од вкупната популација во државата се млади и речиси не се активни во креирањето политики кои ги засегаат. Исто така споредбено, од вкупниот број регистрирани на возраст од 0 до 9 години во 2002, во 2022 недостасуваат околу 34%, односно се иселиле, а токму оваа категорија на млади се клучните носители на општествената трансформација. Постојано зборуваме за стратегии и имплементација, но многу малку се спроведува во пракса. Младите во креирањето политики често се вклучуваат проформа, како декор, но не и во донесувањето одлуки. Мора посериозно да се запрашаме како во денешно младите да бидат едни од одлучувачите и носители на промени во државата. Од овој аспект младите пратеници доста би можеле да помогнат со пренос на пораки низ институциите, преку поттикнување законски промени и користење на постоечките механизми на локално ниво. И уште поважно за ова да биде ефикасно, ни останува да ги бараме младите таму каде што се, а не тие да доаѓаат кај нас“ аргументираше Зафиров.
Стефани Спировска, проектна менаџерка во Вестминстер фондацијата ги пофали младинските организации за нивните активности и им порача да продолжат да бидат упорни во барањата за спроведување на нивните иницијативи. Според неа „овој документ на ИДУЕП и ФНФ навистина ги отсликува потребите на младите, но уште поважно е што на некој начин сумира која институција за што е одговорна и што треба да прави во однос на младинските политики. Исто така, според неа, документот за политики е добра основа да се прави мониторинг и отвора простор и за младите кои доаѓаат од различни организации, за да може така да се каже да вршат притисок врз институциите. Оти одговорноста е поделена и меѓу институциите и младите. Добро е што го имаме Клубот за млади во Собранието кој е постојано достапен, но и активен во преземање активности во рамки на нивните можности.“
Настанот кој се одржа во Собранието, имаше за цел дополнително вмрежување на пратеничките и пратениците со различни граѓански организации кои застапуваат и работат со млади. Преку ваквиот пристап треба да се зајакне улогата и вклучувањето на младите луѓе во процесите на одлучување на сите нивоа на власт.
Документот со препораки на ИДУЕП е дел од 6месечен консултативен процес во кој беа вклучени различни граѓански организации кои застапуваат и работат со млади, а започна со организирање на јавниот настан на тема „Како до подобар младински стандард во 2023 година?“ кој во текот на месец декември 2022 година се организира во директна соработка со Клубот за младински политики при Собранието.