Клуни: Пропагандната машинерија на Орбан кажува лаги за мене

од Vladimir Zorba
478 прегледи

Холивудската sвезда Џорџ Клуни ја обвини „пропагандната машинерија“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан дека лаже за него, додавајќи дека ќе се срами доколку не проговори против унгарскиот авторитаризам и не ги наведе нелибералните мерки преземени од оваа земја-членка на ЕУ.

„Режимот на Орбан ги поседува сите медиуми, ги принудува сите компании да се придржуваат кон драконските даночни политики, го замолчуваат слободниот печат, бараат дозвола да ги фотографираат нивните жичани огради, ги демонизираат обесправените и им намигнуваат на крајните десни екстремисти“, рече Клуни во изјавата.

Критиката на Клуни кон владата на Орбан дојде откако унгарските власти го нападнаа актерот за „глупави“ изјави за Унгарија и сугерираа дека ги повторува зборовите на Џорџ Сорос, кој има потекло од Унгарија.

Спорот меѓу американскиот актер и унгарската држава беше предизвикан од забелешката на Клуни што тој ја даде во интервју за списанието GQ објавено во ноември.

Во 35-минутното видео, Клуни ги открива најважните ликови што ги играл во текот на неговата кариера. Зборувајќи за неговиот нов филм „Полноќно небо“, тој опишува како реалниот живот влијаел врз неговата одлука да игра улога на научник во пост-апокалиптичен свет.

„Не бевме среде пандемија, но тука беа сите други елементи, колку омраза и лутина доживуваме во овој момент од историјата, низ целиот свет – тргнете од Болсонаро во Бразил или Орбан во Унгарија“, рече Клуни.

„Погледнете околу вас. Многу лутина и омраза“, рече актерот, пред да додаде дека, иако неговиот филм е сместен во 2049 година, тоа покажува што може да се случи „доколку се дозволи таков вид на омраза“.

Коментарите на Клуни се појавија во унгарските медиуми едвај неколку дена подоцна, но наскоро предизвикаа лути одговори на официјални лица на администрацијата на Орбан. Во изјавите споделени на неговата официјална страница на Фејсбук, портпаролот на унгарското Министерство за надворешни работи, Тамаш Менцер, во неделата изјави дека коментарите на Клуни се „глупави“ и „глупости“.

Владиниот портпарол Орс Фаркас во изјава за унгарските медиуми рече дека Сорос е виновен за коментарите на Клуни за Унгарија.

„Разочарувачки е што има актери, дури и неполитички актери, кои ги извршуваат политичките намери на Сорос“, рече тој.

Провладините медиуми го претставија Клуни, кој е активен во левичарската политика и се ожени со адвокатката за човекови права Амал Клуни, како пријател на Сорос.

Ориго, веб-портал поврзан со партијата на Орбан, ФИДЕС, во неделата објави фотографија од Клуни со еден од синовите на Сорос и напиша дека Клуни е „под влијание“ на милијардерите.

Во изјавата за либералната новинска организација „Телек“ во понеделникот, Клуни ги критикуваше унгарските вести кои ги повторуваа тврдења на владата за него и ја обвини владата за лага.

„Еднаш го сретнав Џорџ Сорос на состанокот на ООН со претседателот на Соединетите држави на тема бегалската криза. Еднаш го сретнав неговиот син Алек на настан во Давос“, рече Клуни, осврнувајќи се на годишниот Светски економски форум што се одржа во еден швајцарски град.

„Тоа е опсегот на мојата комуникација со Џорџ Сорос. Значи, пропагандната машина на Орбан лаже, точка“.

Клуни продолжи да ја фали поддршката на Сорос за сиромашните и истакна дека самиот Орбан студирал во Англија со помош на милијардерот и дека неговата влада подоцна прифатила пари од Сорос во „старите добри времиња кога Виктор Орбан се борел со комунизмот“.

„Како никогаш да не се случила 1956 година, кога светот беше преплавен со унгарски бегалци кои бегаа од советското владеење“, рече Клуни, осврнувајќи се на анти-бегалската политика на владата на Орбан.

Клуни зборуваше и за своите посети на Унгарија, за кои рече дека започнале во раните 1980-ти. Тие продолжија во раните 2000-ти, рече тој, истакнувајќи дека земјата во тоа време беше демократски успех.

„Со нетрпение го чекам денот кога Унгарија ќе стане како порано“, рече тој.

Ориго и другите унгарски медиуми ја критикуваа изјавата, истакнувајќи дека Клуни погрешно сугерирал дека земјата е дел од Советскиот сојуз во 80-тите години на минатиот век.

„Излезе дека Клуни нема идеја за ситуацијата во Унгарија“, објави Ориго во понеделникот.

Слични содржини