Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски ги отфрла неоснованите тврдења за наводно мешање во предмет во кој повеќе од еден месец постапувало Вишото јавно обвинителство Скопје за кои тврдења до овој момент не е презентиран ниту еден доказ.
-Контролата во Вишото јавно обвинителство Скопје ја опфаќа работата на сите јавни обвинители во тоа обвинителство, а обвинителите кои чесно и одговорно си ја вршеле работата немаат ниту реакции, ниту стравувања, бидејќи знаат дека контролата се спроведува согласно закон.
Од позиција на државен Јавен обвинител имав обврска, првпат после повеќе од четири години да извршам надзор над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје, бидејќи до мене дојдоа информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажуваат на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во обвинителството. Овие пријави се доставени и до Советот на јавните обвинители, наводите се документирани и имам обврска да ги проверам, стои во изјавата на Коцевски, објавено од Обвинителството.
Лажните тврдења за наводни притисоци, додава тој, почнаа веднаш по започнување на контролата, што само ми потврдува дека ја преземам исправната работа и од тоа немам намера да отстапам.
-Конкретниот предмет што се наведува воопшто не е предмет на контрола и се споменува само за да се издејствува политички притисок и да ме натера да се повлечам. Но, тоа во ниту еден момент нема да се случи! Кога ја презедов функцијата јавен обвинител дадов заклетва дека оваа функција ќе ја вршам чесно и одговорно и ветување дека ќе ја вратам довербата во јавнообвинителската организација. Тоа и ќе го направам. Сите сознанија до кои ќе дојдам по извршената контрола и сите информации кои деновиве продолжуваат да пристигнуваат до мене имам намера да ги објавам веднаш по завршување на соодветните постапки предвидени во Законот за јавното обвинителство.
До крајот на овој месец контроли ќе бидат извршени и во сите останати виши јавни обвинителства и во ОЈОГОКК. За сите контроли задолжени се јавните обвинители од републичкото обвинителство распоредени како координатори за соодветните обвинителства со редовен годишен распоред. Според задолженијата, тие ќе треба да го проверат предметното работење на сите јавни обвинители во предметите во кои обвинителите се откажале од жалба или од обвинение. Затоа очекувам нападите кон мене да продолжат со уште поголем интензитет, особено од страна на лица кои со вакви обвинителски одлуки се спасиле од кривичен прогон додека граѓаните очекувале правда, објаснува Коцевски.
Според премиерот Христијан Мицкоски, ако државниот обвинител вршел притисок врз колеги од Вишото јавно обвинителство за одлука што треба да ја донесат во случајот со бонусите исплаќани во СЈО, тогаш Коцевски треба да даде објаснување по овие обвинувања. Тој вели дека освен бонусите и други прашања поврзани со СЈО останале неразјаснети за што очекува одговор од највисокиот функционер во Обвинителството.
Од Републичкото обвинителство појаснуваат дека контролите што се вршени се дел од редовна процедура.
Вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи тврди дека републичкиот јавен обвинител директно му посочил да внимава како ќе се постапува со предметот за бонусите во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и да не се дава својство на оштетен на ВМРО-ДПМНЕ, која поднела жалба до Вишото обвинителство за овој случај.
Случајот се однесува на законитоста и оправданоста на бонусите кои биле исплатени на обвинителите во поранешното СЈО, во износ од над 700.000 евра.
Хајрулахи, како што вели, му одговорил на Коцевски дека тој ниту сака, ниту има надлежност да се меша во работата на предметниот обвинител Јован Цветановски.