„Секогаш кога СДСМ управува со државата пропаѓаат банки и имаме изневерени штедачи. Секогаш кога СДСМ раководи со буџетот имаме скандали и корупција поврзана со финансиското работење“, соопшти денеска Гордана Димитриеска Кочоска, претседател на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ.

„Државава во својата триесет годишна историја зад себе има неколку големи банки кои пропаднаа и сите за време на владите на СДСМ или гувернери на НБРМ поставени од СДСМ, како што е пропаста на Алмако банка, ТАТ, Експорт Импорт банка, Македонска банка, Радо Банка, Југо банка, штедилниците ТАТ, Алфа С, Лавци. А во оваа неславна статистика од пред два дена се впишува и Еуростандард банка.
Со овој најнов случај се продолжува праксата на измамени штедачи, пропаднати бизниси и удари врз финансиските текови“, смета Кочоска.