Koenigsegg е во позиција во која би сакал да биде секој производител на автомобили и првиот човек на компанијата. Секој модел што Кристијан фон Кенигсег го произвел, или има намера да го произведе, веќе има свој сопственик.
Како што е познато, Koenigsegg се занимава исклучиво со ограничени серии на автомобили. Jesko беше ограничен на 125 единици (комбинација од моделот Jesko Attack со висок притисок и поаеродинамичниот модел Jesko Absolut беше одредена од преференциите на клиентите), додека ретро стилизираниот CC850 е ограничен на само 70 единици (првично имаше 50, но големата побарувачка резултираше со зголемување на производството за уште 20 автомобили).
Моделот Gemera со четири седишта, кој развива повеќе од 2.300 КС, е ограничен на 300 автомобили, додека новиот Saidar’s Spear е наменет за само 30 клиенти. Сите единици се веќе распродадени.
„Сите наши модели моментално се распродадени, немаме што да продаваме. Од една страна, тоа е добро, но од друга страна, фрустрирачки е бидејќи е забавно да се комуницира со ентузијасти и да се остваруваат нивните соништа. Ќе воведеме нешто ново за година, година и пол, по што повторно ќе ја отвориме книгата со нарачки. Имаме неколку проекти со ограничено производство, што значи дека сите мора да бидат различни и да имаат значење“, изјави Кристијан фон Кенигсег за „Топ Гир“.
Меѓу тие проекти е наследник на Jesko, а се очекуваат уште побрзи и пофокусирани модели базирани на хибридната платформа на Gemera. Сепак, засега не е на повидок целосно електричен хиперавтомобил.
Koenigsegg нагласи дека „апетитот за целосно електрични автомобили е исклучително низок“.
„Имам искуство со електрични автомобили и ми се допаѓа нивната реакција и леснотијата на живеење со нив. Сепак, по одредено време сакате да почувствувате нешто, да разговарате со ѕверот, сакате дијалог. Сакате пулсирање, пумпање, топлина, звуци, менување брзини и сите аспекти што го оживуваат автомобилот. Би рекол дека електричниот автомобил е повеќе робот. Воведуваме електричен погон тука и таму, и можеби еден ден ќе биде нешто слично. Засега сме задоволни од тоа“, заклучи Кенигсег.