Кои се четирите причини зошто Путин мораше да започне војна?

од Nikola Popovski
188 прегледи

Заменик-шефот на администрацијата на рускиот претседател, Магомедсалам Магомедов, наведе четири причини за обидот да се оправда руската агресија врз Украина. Тој истакнува дека токму поради овие четири причини рускиот претседател Владимир Путин немал друга опција освен да започне војна.

„Отворената поддршка и промоција на неонацистичката идеологија, брзата милитаризација на Украина, постојаните повици за анексија на руски територии, растечката закана за нашата национална безбедност и стабилност не му оставија друг избор на претседателот на нашата земја, Владимир Путин. да започне „специјална воена операција“, рече Магомедов во четвртокот, пренесува N1 Загреб, повикувајќи се на Тасс.

„Ова не беше лесна одлука, но беше крајно потребна, пред се за иднината на нашата земја, децата и внуците“, додаде тој.

Магомедов рече дека „оваа одлука е поддржана од огромното мнозинство на рускиот народ“.

Да потсетиме дека руската инвазија започна на 24 февруари. Иако податоците за воените жртви не се ажурираат секојдневно, така што е невозможно да се знаат точните бројки, Валериј Залужни, врховен командант на вооружените сили на Украина, во август изјави дека неговата земја изгубила околу 9.000 војници, пишува Newsweek.

Од друга страна, според украинскиот Генералштаб на вооружените сили, од почетокот на инвазијата загинале околу 74.000 руски воени лица. Овие податоци значително се разликуваат од оние што ги објави Русија.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу последен пат зборуваше за руските воени загуби во септември, денот кога беше објавена делумната мобилизација. Во таа прилика, Шојгу изјави дека загинале околу 6.000 руски војници.