Вакцината Оксфорд или АстраЗенека делуваше како најперспективна вакцина, која ќе биде најевтина и како таква спас за сите сиромашни земји. Сепак, конкурентите брзо ја престигнаа во однос на ефикасноста, а за Астразенека и Универзитетот Оксфорд се редеа голем број проблеми.
Збунувачки податоци од испитувањата
Кога резултатите од испитувањето за вакцината на АстраЗенека/Оксфорд беа објавени во ноември минатата година, имаше проблеми со податоците. Студијата објави дека просечната ефикасност на вакцината е 70 проценти – во некои случаи таа била 62 проценти, а во некои 90 проценти. Тоа е затоа што во студијата биле користени различни дози на вакцината. Некои волонтери добија дози половина од планираното. Сепак, оваа погрешна доза се покажа како најефикасна.
Така, тие всушност спроведоа две студии за кои беа користени различни дози и дојдоа до резултат што не претставува релевантни податоци за ниту една доза. Се разбира, многумина имаа проблеми со ова.
Универзитетот во Оксфорд подоцна објави дека разговарале за проблемот со регулаторите и дека одобриле тестирање на вакцината во две групи.
Спор со ЕУ
Европската унија ја одобри употребата на вакцината во јануар, но во исто време се судри со АстраЗенека и Оксфорд поради доцнењето во нарачките. Тие се согласија да ѝ платат на Астразенека однапред околу 408 милиони долари за да им помогне да го забрзаат производството на вакцини.
Но, производството на вакцини низ целиот континент наиде на проблеми. Кон крајот на јануари, АстраЗенека ја предупреди ЕУ дека ќе испорача 60 проценти помалку од очекуваните дози во првиот квартал. Компанијата како причина ги наведе компликациите на една локација за производство во Белгија.
Европската унија тогаш ја обвини АстраЗенека за исполнување на нарачките што ѝ ги ветиле на Велика Британија – која веќе не е дел од унијата – додека ги одложувале испораките во Европа.
Забранета за стари лица
Германската комисија за вакцини на крајот на јануари објави дека вакцината АстраЗенека не треба да се дава на лица над 65 години. Шведска и Франција наскоро ја воведоа истата забрана, додека Полска постави старосна граница за примање на оваа вакцина на 60 години.
Германија верува дека нема доволно податоци за ефикасноста на вакцината за оваа возрасна група.
„Поради малиот број учесници во студијата во возрасната група над 65 години, не може да се донесе заклучок во врска со ефикасноста и безбедноста кај постарите лица. Затоа, во моментов ја препорачуваме оваа вакцина само за лица на возраст од 18 до 64 години“, се наведува во препораката на комисијата.
Одговарајќи на забраната, портпаролот на Астразенека рече дека најновите анализи на податоците за клиничко испитување ја поддржуваат ефикасноста на вакцините кај возрасната група постара од 65 години. Истото го тврдат регулаторите за вакцини во Велика Британија.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја нарече вакцината „квази-неефикасна“ за луѓето над 65 години.
За време на клиничките испитувања, вакцините се даваат на илјадници луѓе од различна возраст, националност и здравствени услови. На други им се дава плацебо, што е всушност инекција без вакцини, за споредба. Научниците потоа чекаат голем број учесници да бидат заразени со вирусот. Ако повеќето од нив се од групата што добила плацебо, тоа сугерира дека вакцината е ефикасна.
Загриженоста на европските регулатори е дека тие сметаат дека немало доволно учесници во испитувањето на вакцината Астразенека постара од 65 години, кои биле заразени со вирусот, со цел да се извлечат заклучоци за ефективноста на вакцината. Ова е затоа што само две од 660 лица во таа возрасна група биле заразени.
Недоволно ефикасна против новите соеви на коронавирус
Најновите лоши вести за вакцината АстраЗенека се однесуваат на новите, мутирани соеви на коронавирус.
Студија спроведена од Универзитетот во Јужна Африка во соработка со Оксфорд покажа дека вакцината АстраЗенека има значително намалена ефикасност против јужноафриканската варијанта на коронавирусот.
„Во оваа рана фаза, во средината на студијата, податоците покажаа ограничена ефикасност против благи симптоми предизвикани од јужноафриканскиот вид на коронавирус“, изјави претставник на АстраЗенека.
Сепак, беше посочено дека ефективноста на вакцината е конзистентна кога станува збор за спречување на развојот на потешка форма на Ковид-19. Тие исто така објавија дека започнале да ја прилагодуваат вакцината против нови варијанти на короната, како и дека подобрената вакцина ќе биде готова на есен.