Кои се новите илузионисти во партискиот театар?

од Vladimir Zorba
568 прегледи

Во политичките науки, за личностите кои учествуваат во политиката резервиран е терминот „политички актери”. Иако етимологијата на овој збор се однесува на нивната активност, или акција, во одредена сфера од општеството, иронично е како конотативното значење кое е пресликано од една вистинска професија, всушност совршено одговара за овие мајстори на илузијата.

Велам вистинска професија, затоа што политиката тоа не е, колку и илузионистите во неа да ја имаат изобличено во таква, се разбира за нивна корист. Меѓутоа, овие политички актери одлично го имаат научено сценариото, и со нивните актерски вештини ги имаат убедено сите останати дека тие се само публика. Со тоа, театарската претстава наречена политика трае бескрајно, додека карактерите се менуваат, создавајќи нови и нови заплети базирани на изглед, реторички стил, меѓусебен конфликт… се освен суштина.

Така, деновиве имаме некои нови актери на сцената, кои ја будат љубопитноста на публиката. Какви ќе бидат нивните перформанси? Ќе понудат ли нешто ново? Ќе не извлечат ли конечно од тињата во која гниеме со децении?

Ова е илузија. Ваквите прашања се водат од очајничка надеж, а не од објективна анализа на состојбата. Во спротивно, веднаш ќе беше јасно дека “освежувањето” на сцената не значи ништо друго освен продолжување по старо. Да, тие нови ликови за прв пат застануваат под светлата, но досега работеле позади завесата, кроејќи ја судбината на илјадници граѓани, во некои од највлијателните државни институции. Нивната трансформација во актери е всушност награда од структурите на моќ од кои самите биле дел, за да поуживаат и тие малку во популарноста и стравопочитта која ја носи јавната функција.

Новиот главен лик во претставата е Димитар Ковачевски. Како заменик министер за финансии, наследникот на Зоран Заев има битен удел во макроекономските политики кои влијаат на секое поле во општеството. За новиот лидер на СДСМ јавноста не знае речиси ништо, но добро знае како дојде на таа позиција: со амин од претходникот и експлицитна насока за сите останати „сдсм овци“ како да ја спроведат транзицијата од еден лидер кон друг, а да се избегне било каква промена на концептот и стратегијата на партијата. Или како што тоа го нарекува Заев, врвен демократски чин.

Што и не е толку чудно, кога истиот ја опиша неговата оставка како чин на одговорност, иако во неговото владеење имаше неброени моменти во кои ако навистина знаеше што е одговорност веднаш ќе си заминеше. Меѓутоа понекогаш и самите илузионисти мораат да поверуваат во сопствените илузии, чисто за да не полудат од лаги, парадокси и вратоломии.

Нема многу што повеќе да се каже за Ковачевски, а и да има, сето тоа се однесува на високата национална политика, која сама по себе е сулуда илузија без никаква поента.

Свртувајќи се кон локалната политика, главната женска ролја во оваа нова постава ја има градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, подеднакво безлична фигура како Ковачевски, исто така кадар на длабокиот финансиски естаблишмент преку стопанската комора, и исто така со заработен трофеј за партиските заслуги преку стекнатата функција. Во таа смисла, ако илузијата во случајот на Ковачевски е демократијата и одговорноста, тогаш кај Арсовска е независноста, како што се претставуваше во изборната кампања.

Уште од моментот кога се обиде да ја корумпира и украде самата идеја за независност од партиските шеми, се виде како стојат работите. Во текот на самата кампања, Арсовска како навиена мелеше ветувања, празни фрази и (контра)напади кон противникот Шилегов, како некаков автоматизиран политички киборг конструиран само за да победи.

Откако успеа во тоа, од новата мајка на градот добивме штама со недели и месеци. Во нормални услови, за висок политички функционер одбивањето да се соочи со медиумите за да не биде прашуван тешки прашања би било политичко самоубиство. Но не и за независната кандидатка, чии први потези после одморот беа стопирање на проектот БРТ и чистка на директорите на јавните претпријатија, или накратко, прекин на било каков континуитет на работата од претходната администрација.

За проектот БРТ има многу што треба да се каже и да се слушне. Она што им е заедничко на Арсовска и на Шилегов е што одбиваат да создадат услови за да тоа се случи, што треба да биде нивниот основен приоритет. Шилегов беше решен да го спроведе БРТ по секоја цена, без јавна и експертска дебата, Арсовска е решена да го исфрли од агендата, исто така без посериозна анализа, само поради тоа што е проект на Шилегов.

Во врска со кадровските промени, тоа е обична алтернација на статистите во претставата, која нема да има никаков ефект затоа што е врзана исклучиво за вечната меѓупартиска борба. Со тоа што не се работи ниту за борба, туку повторно, илузија на борба која се одвива на театарската сцена.

Оваа политика се повеќе наликува на симулација на реалноста, во која мислиме дека се движиме, а всушност стоиме во место. Во оваа политика ние мислиме дека како публика на театарот, со нашето купување карти или ракоплескање, одлучуваме за судбината на тие во него. Вистината е дека партиите и нивните актери ни имаат ускратено било каков друг начин да учествуваме во приказната. Причината е едноставна: за нив, штиците буквално живот значат. Основна цел мора да биде да го најдеме тој друг начин. А почетокот на тој процес не е замена на актерите, туку демонтирање на целата театарска сцена.

Проф. Иво Босилков

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини