Кои се сојузниците на Путин кои отворено го критикуваат руското воено раководство?

од Stefanija Kuzmanovska
234 прегледи

Руската воена команда се соочи со остри критики поради нејзината бавна и неефикасна офанзива против Украина. Двајца од сојузниците на Путин особено се истакнаа – чеченскиот лидер Рамзан Кадиров и Евгениј Пригожин, основач на платеничката група „Вагнер“.

Двајцата официјално не стојат зад ниту една руска воена или безбедносна агенција, но на некој начин им е дозволено да ги критикуваат воените команданти.

Војната на Русија во Украина го уништи имиџот на нејзината војска како ефикасна и добро управувана машина; од неуспехот да се заземе Киев за три дена, како што беше ветено на руската телевизија, до повлекувањето од големи делови на украинската територија.

Новоименуваниот командант на руските сили во Украина, генерал Сергеј Суровикин, може само да се пофали дека успешно ги разнесе украинските електрани.

„Треба да биде натеран да го измие својот срам со крв“

Фактот дека никој не ги замолчи јавните критики за воената стратегија на Кадиров и Пригожин, укажува дека рускиот претседател Владимир Путин ги зема предвид нивните мислења.

Пример за тоа е судбината на генералот Александар Лапин, еден од највисоките руски команданти во Украина, кој беше разрешен на крајот на октомври.

Само два дена пред отказот, Кадиров го нарече „неталентиран“ и го обвини за неодамнешните порази.

Чеченскиот лидер на социјалните мрежи напиша дека на генерал Лапин треба да му се одземе чинот и „да се испрати на првата линија на бојното поле“.

„Треба да биде натеран да си го измие срамот со крв“, коментираше тој.

Евгениј Пригожин се приклучи на оваа критика и во еден момент дури отиде дотаму што го пофали украинскиот претседател Владимир Зеленски како „цврст, самоуверен, прагматичен и симпатичен човек“.

Кој е Пригожин?

Евгениј Пригожин првпат стана познат како „готвачот на Путин“ затоа што доставуваше храна и пијалоци за официјалните настани во Кремљ.

Гласините велат дека тој го познавал Путин уште во деведесеттите години на минатиот век, кога идниот претседател работел во кабинетот на градоначалникот и често го посетувал неговиот ресторан, популарен меѓу локалните функционери.

До 2010-тите, неколку новинарски истраги го поврзуваа со таканаречената фабрика за тролови во Санкт Петербург, група за дезинформации чија улога беше да ја дискредитира руската политичка опозиција и да го прикаже Кремљ во позитивно светло, пишува Би-Би-Си.

Според истрагата на американскиот обвинител Роберт Мулер, фабриката за тролови била вклучена во обидите на Русија да се меша во претседателските избори во САД во 2016 година.

Пригожин негираше каква било поврзаност со групата, но во понеделникот откри: „Се мешавме во американските избори, се мешаме и ќе продолжиме да се мешаме“.

Долги години тој, исто така, негираше каква било поврзаност со компанија за регрутирање платеници наречена „Вагнер Груп“. „Вагнер“ првпат се појави во источна Украина во 2014 година, а неговите борци подоцна беа во Сирија и во многу африкански земји.

Сепак, тој неодамна призна дека стои зад „Вагнер“, кој се покажа како една од поефикасните руски единици во војната во Украина.

Пригожин, исто така, со години јавно се расправаше со гувернерот на Санкт Петербург Александар Беглов, па дури и го обвинуваше за помагање на украинската војска.

Чеченскиот лидер

Малкумина од сојузниците на Путин му се лојални како чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, кого рускиот лидер го назначи да раководи со автономната република во 2007 година.

Имено, во 1990-тите Чеченија неуспешно се бореше за независност, а под власта на Кадиров завршија сите обиди за независност на Чеченија, а состојбата со човековите права се влоши.

Тој беше гласен поддржувач на руската инвазија на Украина од самиот почеток, испраќајќи ги своите трупи таму и тврдејќи дека тие се меѓу најдобро обучените, најхрабрите и најнемилосрдните руски окупациски сили.

Кадиров дури вети дека ќе ги испрати своите синови тинејџери на бојното поле.

Активистите за човекови права велат дека значителен број чеченски војници биле регрутирани против нивна волја, откако на нивните семејства им се заканувале со уцена или физичко насилство.

Зошто се важни овие двајца мажи?

Кадиров и Пригожин, кои никогаш не биле сметани за сојузници, во последно време звучат се повеќе ускладени.

Чеченскиот лидер го нарече бизнисменот од Санкт Петербург „роден воин“, а неговите вагнерски платеници „бестрашни патриоти на Русија“.

Пригожин возврати со комплимент на социјалните мрежи и напиша: „Рамзан, ти си вистински оган!“.

И двајцата го критикуваат руското воено раководство, претставено од министерот за одбрана Сергеј Шојгу и неговиот заменик и началник на Генералштабот, генерал Валериј Герасимов.

Воените аналитичари веруваат дека поединечно ниту чеченскиот лидер ниту шефот на „Вагнер“ немаат доволно тежина.

Тие не се многу популарни меѓу официјалните политички елити и се сметаат за аутсајдери.

Но, доколку ги здружат силите, би можеле да ги предизвикаат луѓето од најтесниот круг на претседателот Путин.

Рускиот политички аналитичар Абас Гаљамов смета дека Кадиров и Пригожин се однесуваат многу невообичаено за земја во војна.

Тој наведува дека тоа укажува на атмосфера на анархија, каде командантите на различни воени единици се борат меѓу себе наместо да се борат тимски.

Експертите од Американскиот институт за проучување на војната сметаат дека во потесниот круг на Путин има две фракции – оние кои се за прекин на војната за да се спаси имотот замрзнат поради санкциите на Западот и оние кои се за нејзино продолжување.

Овие двајца мажи сакаат војната да продолжи.

Тоа можеби е пораката што рускиот лидер најмногу сака да ја слушне, па можеби ќе одлучи уште повеќе да ги чува до себе.

Слични содржини