Додека тие ги полнат своите џебови, ние ќе ги полниме улиците и ќе продолжиме да ги полниме се додека не видиме вистинска промена, порачаа учесниците на денешниот марш што го организираше граѓанското движење „Кој е следен?“.
Голем број на луѓе вечерва од плоштадот „Македонија“ во Скопје, во 18:59 часот, го започнаа маршот во чест на 59 жртви и возачот на Брзата помош. Слоганот е „Доста бевме ние, системот е следен“ при што се бара одговорност за сите оние кои се виновни за трагедијата.
Присутните пред Собранието скандираа: „Убијци“, „Системот е следен“,„Доста беше смрт”, „Секој еден, може да е следен”…
Додека кога поминуваа покрај Градската болница во центарот на Скопје ги поздравија медицинските работници, со аплауз и скандирање „Вие сте херои“.
И покрај силниот дожд неколку илјади пристигнаа пред Владата.
-Собрани сме тука поради болка, неправда и трагедии кои можеа да бидат спречени ако институциите си ја вршеа работата, ако одговорните сносеа одговорност и ако корупцијата не беше прифатена како нормална појава. Овде сме да им оддадеме почит на жртвите, но не сме тука само за да жалиме, тука сме и зашто сакаме промена, не козметичка, не привремена, туку вистинска, суштинска, системска промена. Често забораваме, а народ што заборава ризикува трагедиите да му се повторат. Од вечерва јасно кажуваме: Нема веќе да забораваме, нема веќе молк и нема веќе страв. Институциите се плашат кога чесните луѓе се здружени, кога граѓаните бараат правда, отчетност и нов почеток, истакна Бленди Ходаи, еден од учесниците на маршот во своето обраќање пред Владата.
Учесниците на маршот порачаа дека не се откажуваат и во текот на целиот марш скандираа „Правда“, „Убијци“, „Не се плашиме“, „Уа профитери“, „Одговорност“, „Нема правда, нема мир“.