17,6K
Тие се совршен појадок или вечера без оглед дали се благи – со џем, Нутела, банани, бисквити, шлаг… или солени – со салама, кашкавал, моцарела, поховани како пирошки…
Сите ги прават на различен начин. Некои ги сакаат потенки, други подебели (таканаречени американски палачинки), некои посни без јајца и млеко, други пак, ги сакаат полни и квалитетни.
Добрите палачинки зависат од состојките кои ги ставате, но секако треба да имате и квалитетно тавче за палачинки кое не се лепи. Ако сакате да го погодите точниот рецепт за совршените палачинки, следете ја оваа постапка.
Состојки:
2 јајца
4 шолји брашно
½ литри млеко
100 ml кисела вода
1 прстофат сол
1 лажичка шеќер
Подготовка:
Изматете ги јајцата, додајте им шеќер, млеко и сол. Потоа додајте брашно и матете додека не ги стопите грутките кои се прават во тестото.
Ова главно зависи од брашното, но треба да добиете многу густа смеса за палачинки.
Додајте ја киселата вода и промешајте.
Оставете ја смесата да отстои 20-ина минути, а потоа печете ги палачинките на силен оган.
Наполнете ги со омилениот вкус и уживајте!