Лина Петровска, е член на Судскиот совет во периодот од 8.10.2007 до крајот на 2013 година, кога не беше реизбрана во нов мандат. Таа е жената која е главен лик во разговорот помеѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и екс министерот за правда Михајло Маневски, што го презентираше денеска лидерот на СДСМ Зоран заев, како дел од прислушуваните разговори од тајните служби.

„Џокерот“ како што потенцира неколку пати во разговорот Михајло Маневски за Лина Петровска, во судскиот совет во 2007 година влезе како кадар на НСДП, која во тој период беше во коалиција со ВМРО ДПМНЕ.
До 2005 година Лина Петровска беше судијка во граѓанскиот суд во Скопје, но од тогашниот Судски совет беше „замолена“ да ја напушти судиската позиција затоа што против неа беа поведени постапки, по пријави на странки и и се закануваше разрешување.
Петровска замина сама од судството и отвори адвокатска канцеларија, а од позицијата адвокат, две години подоцна како кадар на НСДП преку Собраниската комисија за избори и именувања беше избрана за член на Судскиот совет со мандат од 6 години.
При нејзиниот избор, во октомври 2007 година, откако се заколна дека ќе ја извршува функцијата „независно и непристрасно“, Петровска во собранието на Република Македонија изјави дека изборот за член на Судскиот совет за неа е голем предизвик, бидејќи, како што рече, ќе се залага за професионален, чесен и одговорен пристап кон работата на Советот.
– Ќе се залагам за побрзо, поефикасно и вистинско спроведување на реформите во третата власт. Воедно ќе се трудиме да ја вратиме изгубената доверба на граѓаните во судскиот систем во наредниот период. Не сум партиски определена и им благодарам на сите пратеници кои ја изразија довербата за мојот избор за член за Судскиот совет- рече Лина Петровска пред стапување на функцијата во Советот во октомври 2007 година.
Но, за кратко време, откако НСДП ја напушти коалицијата со ВМРО ДПМНЕ, Петровска се приклучи кон мнозинството во Советот, составено од членови Македонци и го правеше мнозинството, или неопходните 10 гласа кои беа потребни за избор на судии, наспроти 4-ца или 5-мина членови Албанци, чиј број варираше во зависност дали министер беше Михајло Маневски или Блерим Беџети.
Како што потврдува Михајло Маневски во разговорот со Гордана Јанкуловски, Лина е „џокер“ во судскиот совет и му е неопходна на владејачкото мнозинство што го контролира ВМРО ДПМНЕ, бидејќи без гласот на Лина Петровска не можат да изберат или да разрешат судија.
Целиот разговор, кој беше презентиран денеска е насочен за судска постапка која се водела против братот на Петровска. Станува збор за Емил Крстевски кој долги години работеше како политички советник во Собранието на Република Македонија.
Но, како што велат Маневски и Јанкуловска во разговорот, целата работа ја искомплицирал Трајко Вељановски кој наместо да ја среди работата со неговиот кум Јово Вангеловски, претседател на Врховниот суд, Судот под раководство на Вангеловски, по ревизија ги укинал двете пресуди на Основниот и на Апелациониот суд и предметот го вратил на повторно одлучување, наместо да одлучи мериторно, како што било „договорено“ во корист на Крстевски.
Јанкуловска и Маневски го обвинуваат Вељановски дека не ги гледал повисоките интереси и позицијата на Лина Петровска во Судскиот совет, која била многу поважна отколку тоа што го сторил нејзиниот брат, кој, како што се потенцира неколку пати во разговорот, ќе биде 4 години во САД (се претпоставува дека е испратен во македонско дипломатско претставништво).
Јанкуловска си презема обврска да разговара со Петровска, членот на Судскиот совет и да и објасни како стојат работите, дека Јово Вангеловски и кумот Трајко Вељановски не го почитувале договорот, но ќе се среди работата со предметот на нејзиниот брат.
Во исто време, Маневски во разговорот открива дека за својата „џокерска“ позиција во Советот, Лина Петровска ќе биде наградена и со вработување на нејзин член на фамилијата во судството.
Во време на својот мандат, Лина Петровска беше задолжена за контрола на Основниот суд во Велес, а во годините поминати во Советот на нејзин предлог беа избрани повеќе судии во Апелациониот суд во Скопје, во Управните судии, во Врховниот и во Основниот суд во Велес.
Инспирирани од нејзината убавина, групата „Лева Патика“ пред повеќе години ја испеале песната „Сакам женска фина“.
Разговорот воден помеѓу Муса Џафери и Сашо Мијалков е воден кон крајот на 2012 година кога му заврши мандатот на Јово Вангеловски, а ДУИ пројави интерес, прв човек на Врховен да биде Албанец. Бидејќи не даваа согласност по принципот на Бадентер, на предлог на ДУИ, судот времено го водеше судијката Милка Стефкова. Мијалков во разговорот му кажува децидно на Муса Џафери дека не може да го добијат местото во Врховниот суд, независно од „амбициите“ што ги имале, ниту пак местото во Кривичниот суд во Скопје.
-Го имате претседателот на Основниот суд Скопје 2, државниот правобранител, заменик во Врховен, заменик во Апелација, а наскоро ќе се вработат и над 20-тина Албанци што беа договорени-беше дел од договорот.
На 1.1.2013 година на сила стапи нов закон според кој, за судија може да се избере само кандидат кој поминал обука во Академијата за судии и јавни обвинители. Но, на 30.12.2012 година Судскиот совет распиша оглас, а изборот го изврши во 2013 година, кога беа избрани кандидатите Албанци за судии речиси во сите судови во Скопје и во западниот дел на Македонија./
Саше Димовски, за ТВ НОВА