Колабираа системите за ладење поради високите температури: Породилишта во Србија се претворија во фурни

од Илинка Илиоска
33 прегледи

Белградската Гинеколошко – акушерска клиника Народни фронт ја извести здравствената инспекција на Министерството за здравство на Србија нагласувајќи дека поради екстремно високи температурни услови и максимално искористување на системот, има преоптоварување на сите системи за ладење, што довело до огромно оптоварување на електричната мрежа и дефект на системот за ладење во некои делови на клиниката.

„Поради тоа, бевме принудени да преминеме на алтернативни системи за ладење, користење вентилатори, затемнување на просториите, проветрување на просториите, поставување влажни облоги на прозорците со што се обезбеди доволно ладење на просториите со нормална влажност“, се наведува во соопштението на Клиниката.

Тие тврдат дека „температурата на Клиниката може да се нарече контролирана и толерантна, како и дека работниот процес на Клиниката се одвива непречено без никаков застој “.

Родителскиот портал Бебац упати апел до Министерството за здравство, Министерството за семејна грижа и демографија, Националното собрание и премиерот за навремена поправка на системите за ладење во породилиштата.

Според овој портал, временските услови го оневозможиле престојот во породилиштата поради немање клима-уреди. Сегашните температури во Србија достигнуваат пеколни 40 степени, а некои породилишта во Србија се претворија во „фурни“ во кои моментално престојуваат мајки, новороденчиња и медицински персонал, оценува Бебац. Таа состојба не само што е нехумана, туку и потенцијално опасна по здравјето на најчувствителните членови на нашето општество, јави ТВ Н1 пренесувајќи наводи на тој портал.

Слични содржини