Речиси 2.000 летови се откажани денеска ширум светот, а речиси 3.000 се одложени, покажуваат податоците на порталот „Flightaware.com“.
Поради ширењето на сојот омикрон во САД, од Божиќ се откажани летовите на најголемите авиокомпании – компаниите „Јунајтед“, „Делта“ и „Џет Блу“.
На Бадник беа откажани повеќе од 700 летови, на Божиќ уште 997, а се проценува дека во светот се откажани вкупно над осум илјади летови, јавуваат американските медиуми.
„Тешките временски услови во некои делови на САД и ширењето на омикрон влијаат на распоредот на летови на „Делта“ за време на празниците“, се вели во соопштението на американската авиокомпанија, така што патниците сè уште можат да стигнат до своите дестинации.
Нарушувањата на летовите предизвикани од ширењето на омикрон продолжуваат и по божиќниот викенд во сите делови на светот.
Повеќе од 100 домашни летови се откажани во Јапонија поради големото снежно невреме на северот и западот на земјата, а според податоците објавени од „ANA Holdings“ и „Japan Airlines“, вкупно 7.560 патници биле принудени да ги променат своите планови.
Во Кина се откажани летовите на најголемите авиокомпании како „China Eastern“ (368) и „Air China“ (141), а најтешко се погодени аеродромите во Пекинг и Шангај, со над 300 откажани летови.
Двонеделната забрана за јужнокорејски авиони стапи на сила во Хонг Конг по откривањето на патници со Ковид-19.