Санди Чешко, еден од најбогатите Словенци познат како „кралот“ на телевизиската продажба, кој со своите брендови „Дормео“, „Делимано“ и „Космодиск“ навлезе во речиси секое домаќинство во овој дел на Европа, за словенечките медиуми потврди дека е во деловни проблеми.
„Основачот на „Дормео“ и другите брендови на групацијата „Студио Модерна“ денеска не сакаше да биде пред камерите. Но, тој во кус телефонски разговор за нашата телевизија призна дека има проблеми во компанијата. Дека им доцнат платите и другите обврски кон нивните вработени. Но, приказната за него не е завршена. И дека ќе работи напорно за опстанок на компанијата до крај“, наведува порталот 24.ур.
Уште во ноември, според експертите, Чешко беше десетти најбогат Словенец со имот над 200 милиони евра. Денеска, пак, остана без брендовите „Дормео“, „ТопШоп“ и „Космодиск“, кои наводно заедно со патентите ги продал на фирмата на Дарко Хорват во Швајцарија.
„Кога започна војната во Украина и кога нè погодија санкциите. Изгубивме два пазари. Покрај тоа, изгубивме и финансиски инвеститор. Затоа моравме да преземеме одредени мерки, а една од нив беше присилна спогодба во Швајцарија. И менаџерот реши да ги продаде марките, што ги купи Дарко Хорват“, рече Чешко во мај.
Во 2019 година, Чешко веќе ги продаде акциите на „Студио Модерна“ на три инвестициски фондови. Минатата година, пак, ги откупил за непозната сума.