Претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Даниела Колева, во гостување на „24 Анализа“ истакна дека разрешувањето на членовите на Судскиот совет е предвидено со закон. Таа нагласи дека е неопходно формирање надпартиско тело кое ќе иницира реформи во судството.
Колева го критикуваше премиерот Христијан Мицкоски за неговата изјава во која Судскиот совет го нарече „мучуриште“, оценувајќи ја како недолична. Според неа, изјавите за департизација на судството се лицемерни, имајќи предвид дека, како што тврди, ВМРО-ДПМНЕ партизирало судии во минатото. Таа додаде дека ќе има доверба во независноста на судството кога ќе види дека членови на ВМРО-ДПМНЕ се изведени пред правосудните органи.
Колева истакна дека во минатото постоела можност за постигнување политички консензус за судските реформи, но дека тогашната опозиција не сакала да ја прифати иницијативата. Според неа, ВМРО-ДПМНЕ немало вистинска волја за реформи, туку единствено целело кон критикување и дискредитирање на политиките на СДСМ.