Колкава е опасноста од СУПЕРКЛЕТОЧНА БУРА во Македонија во наредниот период и дали можe да предизвика торнадо?

од Nikola Popovski
1,4K прегледи

Во текот на денешниот и утрешниот ден се очекува ново разорно невреме како суперклеточната бура која ќе го парализира Балканот. Имено, невремето кое однесе неколку животи во неколку балкански земји, проследено со силен ветер налик на ураган кој носеше се пред себе, кршеше прозорци и покриви, фрлаше контејнери, корнеше дрвја и соборуваше кранови, повторно на ист начин ќе се прошири низ полуостровот. Се очекува денес црни облаци од Словенија ќе стигнат до Хрватска, а на крајот да ја парализираат и Србија. За наша среќа, ваквата бура се очекува да ја одмине државава.

Според синоптичкото одделение при УХМР, подрачјето на Македонија ќе остане во зоната на високи температури и недостаток на влага. Оттаму за „Локално“ велат дека состојбата се следи од страна на дежурната служба и доколку има промени навремено ќе се издадат најави за појава на невреме.

Проф. Владо Спиридонов

Професорот и доктор по метеоролошки науки, Владо Спиридонов сепак не исклучува ваквото невреме во иднина да се јави во друга област и да заземе таква патека, со што би се појавило над нашето подрачје.

Ние треба да бидеме добро информирани и да знаеме за развој на такви системи. Според науката, одредени суперклеточни бури се многу комплицирани за однапред да се прогнозираат затоа што се специфични и се јавуваат во помали размери. Има дополнителни алакти и уреди како што се радарите и сателитите, да едноставно кога ќе наиде ваков нестабилен систем и постепено евалуира, со помош на опремата да се следи развојот. Во случај на проценка за можен екстремен развој, се даваат краткорочни временски информации и се апелира до јавноста преку медиуми дека Македонија може да биде засегната од вакви бури, вели професорот за „Локално“.

Во однос на тоа што значи ваквиот феномен и дали може да предизвика евентуално торнадо или ураган, синоптичарите од УХМР порачуваат дека при нестабилно време и располагање на атмосферата со голема енергија, а тоа е обично случај кога во претходниот период температурите на воздухот биле високи, доаѓа до создавање на вертикални облаци или кумулунимбуси.

Висината на овие облаци може да достигне и до 16, 17 км и вообичаено се причина за појава на невреме со обилни поројни врнежи, силни електрични празнења и ветер како и појава на град. Ветерот во вакви состојби под облачниот систем има променлив правец. При формирањето на ваквите облачни систем постојат две воздушни струи на воздух, струја на топол воздух која се крева нагоре во поголемите височини и е причина за формирање на облакот и струја на студен воздух која се спушта надоле под облакот и понекогаш е пратена со дожд или град. Кога енергијата на облакот е голема, студениот воздух има  голема брзина и кога ќе се спушти го истиснува топлиот воздух кој се крева нагоре во вид на вртлог. За нашето подрачје не е вообичаено да има појава на поинтензивни појави од овој вид  од причини што за создавање на поголеми брзини на овие две воздушни струи потребно е тлото да е поголема рамница за да би облачниот систем имал повеќе време да ја зголемува брзината на влезната и излезна струја на воздух. Не често се забележани појави на вртлози од воздух под облачниот систем од овој вид нашите рамничарски делови како во Пелагонија, но тие се далеку од торнада според брзината и енергија што ја создаваат и многу бргу исчезнуваат. Сепак за луѓето кои го регистрираат овој феномен е интересна и невообичаена појава за нашето подрачје. Во никој случај не треба да се нарекува оваа појава торнадо бидејќи е далеку послаба од торнадата за кои се информираме дека се појавуваат во другите делови од светот. Поради овие причини и вонредните прогнози што ги издава УХМР секогаш се напоменува дека невремето ќе биде пропратено со силен ветер од променлив правец, информираат од синоптичарското одделение.

И професорот Спиридонов појаснува дека групата на грмотевични облаци постепено се развива во мезоразменен систем, кој кога ќе добие моќ и висини, во рамките на него се развиваат суперклеточни бури.

Карактеристично за ваквите бури е и развојот на ротирачки вертикални брзини. Тие имаат вртлочна димензија и моќ која ги одржува. Кога ќе достигнат одредена висина, создаваат големи моќни структури, град, голема ледена маса во горниот дел на атмосферата и јак грмотевичен бран со силни удари на ветер, кои прават пустош на патеката на движење. Тоа се случи над Загреб во изминатите денови. Регистрирани се брзини на ветер од 150 километри на час. Тоа се разорнувачки ветрови и загрозуваат се пред себе. Во зависност од струењето, патеката може да се смени и така ние не добиваат типична зонална динамика. Во основа ја задржуваат динамиката, ни рече Спиридонов.

На прашањето дали градобијната заштита може да помогне против ваквите бури, од УХМР ни истакнаа дека градобијната заштита спаѓа во гранката на метеорологијата која се нарекува модификација на времето. Велат дека со вметнувањето на реагенси во облачниот систем се предизвикува честичките богати со водена пареа на тлото да паѓаат во вид на пороен дожд.

Во спротивно тие се издигнуваат на поголема височина во која при ниска температура ќе прејдат во честички од мраз и на тлото паѓаат во вид на град. Но при преголема енергија и појавата на високи конвективни облаци и системи од кои се создаваат бурите и невремињата многу тешко може да се влијае врз нивното намалување токму заради големата енергија и влијанието на многу фактори за нивното создавање, стои во соопштението на синоптичарите.

Додаваат дека централните и северните делови на Балканот и регионот после периодот на високи температури и голема енергија во атмосферата беа зафатени од серија на фронтални системи и заладување на атмосферата на поголеми височини што предизвика да има појава на вакви бури и невремиња.

Н.П.

Слични содржини