Истакнатиот австралиски експерт за коронавирус, доктор Норман Свон, се огласи по повод веста дека Доналд Трамп има Ковид-19 со проценки на факторите на ризик, имајќи ја предвид возраста и здравствената слика на американскиот претседател.
Познатиот лекар, кој по водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи често го нарекуваат „австралиски доктор Фаучи“, вели дека на 74-годишна возраст, колку што има Трамп, стапката на смртност од корона е меѓу пет и 12 проценти.
Меѓутоа, тој додава дека дебелината на Трамп го зголемува ризикот за дополнителни 40 проценти, така што во таа ситуација ризикот од смрт од корона е помеѓу седум и 18 проценти, пренесува „Гардијан“.
Лекарот на американскиот претседател во Белата куќа, Шон Конли изјави денеска дека Трамп ќе продолжи да ги извршува своите должности без никакви пречки и дека тој и првата дама Меланија Трамп се чувствуваат добро.
Да потсетиме, Трамп објави дека тој и неговата сопруга Меланија се во карантин откако било утврдено дека една од неговите најблиски соработници, Хоуп Хикс (31) беше позитивна на коронавирусот.