Колку чекори треба да правиме дневно, за да се намали ризикот од рана смрт

од Milan1
105 прегледи

Според новото истражување кое опфатило повеќе од 226.000 луѓе ширум светот, 4.000 чекори дневно се доволни за да се започне со намалување на ризикот од прерана смрт од која било причина. Колку повеќе чекори преземате, толку се повидливи и поголеми здравствени придобивки, велат истражувачите. Секои дополнителни 1.000 чекори над 4.000 го намалува ризикот од рана смрт за 15 проценти.

Тимови од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Лоѓ во Полска и Медицинскиот факултет на Универзитетот Џон Хопкинс во САД открија дека придобивките од пешачењето се однесуваат на сите полови и на сите возрасти, без разлика каде живеат луѓето. Сепак, најголемите придобивки се забележани кај оние под 60-годишна возраст.

„Верувам дека секогаш треба да нагласиме дека промените во животниот стил, вклучително исхрана и вежбање… би можеле да бидат барем подеднакво ефективни или уште поефикасни во намалувањето на кардиоваскуларниот ризик и продолжување на животот отколку новите лекови“, рече професорката Мејси Банах од Универзитетот во Лоѓ.

Според Светската здравствена организација, недоволната физичка активност е одговорна за 3,2 милиони смртни случаи секоја година, што е четврта најчеста причина за смрт во светот.

Хани Фајн, личен тренер и инструктор за глобалната фитнес компанија „Barry’s“, ги истакнува проблемите кои произлегуваат од премногу седење.

„Тоа може да го забави вашиот метаболизам и да влијае на растот и силата на мускулите, што може да предизвика болка“, вели таа за „Би-Би-Си“.

Фајн исто така ја објаснува важноста на другите активности покрај вежбањето, „што во едноставни термини значи сè што правиме што користи енергија и согорува калории“.

„Задачи како стоење, носење намирници, миење подови, одење додека зборуваме на телефон, сето тоа се мали нешта кои нè прават поактивни и ни помагаат да согоруваме калории поефикасно“, рече Фајн, додавајќи дека редовните прошетки се исклучително важни.

„Пешачењето може да го намали крвниот притисок, да ги зајакне мускулите за да ги заштити коските, да го зголеми нивото на енергија и да произведува ендорфин и да помогне во одржување на здрава тежина со здрава исхрана“, истакнува таа, додавајќи дека оваа активност, која е погодна за речиси сите, има и корист за менталното здравје.

Слични содржини