Колку е точен нашиот прв впечаток за личноста со која сме на прв состанок?

од Stefanija Kuzmanovska

Првиот состанок е клучен за запознавање на потенцијалниот партнер и проценка на неговите доблести и маани, но и компатибилноста со нас. Сепак, дали нашиот прв впечаток за личност врз основа на нивното однесување на првиот состанок е доволен за да знаеме со каква личност имаме работа? Според истражувачите на универзитетот Мекгил, одговорот е: ДА.

Имено, тие беа заинтересирани дали првиот впечаток што го создаваме за луѓето со кои сакаме да имаме романса е еднаков на впечатокот што го имаат нивните долгогодишни познаници за истите луѓе. За да дојдат до тој одговор, истражувачите поканиле 372 волонтери да учествуваат во нивниот експеримент. Од учесниците беше побарано да пополнат прашалник со прашања од лична природа. Врз основа на нивните одговори, истражувачите беа во можност да имаат солидно приближување на личноста на секој од волонтерите. На истите прашања за учесниците во експериментот одговараа нивните пријатели и членови на семејството.

После тоа, волонтерите имале можност да се запознаат меѓусебно. Нивното запознавање било направено во т.н. speed dating форма, што значи дека имале само 3 минути разговор со секоја личност што им ја доделиле истражувачите. На учесниците во експериментот, исто така, им беше потенцирано да ги третираат дадените кратки состаноци како први состаноци. По завршувањето со запознавањето, им било дадена задача да одговорат на прашања во врска со личноста на своите потенцијални партнери.

Верувале или не, истражувачите откриле дека ставовите на волонтерите за меѓусебните личности речиси целосно се совпаѓаат со проценката на нивната личност од страна на луѓе кои ги познаваат подолго време. Од тоа, можеме да заклучиме дека првиот впечаток е многу релевантен за тоа дали ќе одлучиме повторно да се видиме со личност или не.

Слични содржини