Колку иницијативата за укинување на едногласноста при прием на нови членки ја доближува Македонија до исполнување на евроинтегративната цел?

Укинување на едногласност при прием на нови членки е правно невозможно или одржливо решение: „Не е доволна само политичка волја, туку и согласност од Европскиот совет“

од Бисера Трајковска
54 прегледи Фото: Х/Принтскрин

Иницијатива на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, да се разгледа укинување на едногласноста и да се воведе „квалификувано мнозинство“ при одлучувањето за прием на нови членки ја отвори дискусијата во јавноста, при што се поставува прашањето дали ова може да е шанса за Македонија да го откочи еврооинтегративниот процес кој веќе долго време е во застој. Сепак, повеќето од членките на Европската Унија (ЕУ) се на ставот да не се укине едногласноста, најмногу затоа што сакаат да ја задржат својата можност за вето.

Извршниот директор на Преспа Институтот, Андреја Стојковски за „Локално“ појаснува дека укинување на едногласноста и да се воведе „квалификувано мнозинство“ е нешто што е правно невозможно.

-За да може да се случи такво нешто, треба да се менуваат договорите. Промената на договорите е постапка која што бара согласност на сите, така што и тоа е невозможно, додаде Стојковски.

Тој вели дека ниту една од државите нема да се откаже од сопственото право на вето или од можноста за вето во иднина, и затоа ова не го гледа како одржливо решение.

Андреја Стојковски, Фото: Преспа Институт

-Може да биде индивидуално решение кое што ќе биде насочено кон конкретни држави членки за конкретни прашања. Во случајот со Унгарија и Украина, што само ќе го зајакне впечатокот кај сите останати дека станува збор за двојни аршини, додаде Стојковски.

Откочувањето на евроинтегративниот процес кај нас е закочено дома, не во ЕУ

Тој смета дека оваа иницијатива конкретно се однесува само за Украина. Прашан дали ова може да е шанса за Македонија да го откочи еврооинтегративниот процес кој веќе долго време е во застој, Стојковски одговори дека откочувањето на евроинтегративниот процес кај нас е закочено дома, а не во ЕУ.

-ЕУ  е подготвена да ја одржи втората меѓувладина конференција, под услов ако Македонија си ги исполни условите во преговарачката рамка. Ова може да се однесува на Украина, бидејќи таму нема се уште согласност ниту за подготовка за преговарачката рамка, додаде Стојковски.

Во меѓувреме, Франција е една од земјите која се противи на оваа иницијатива, објаснувајќи дека „промената на правилата на ЕУ би ја ограничила можноста на земјите-членки да спречат некои земји да влезат во Унијата доколку заклучат дека тоа претставува сериозни проблеми“.

Стојковски е на ставот дека сепак не е само Франција во прашање, туку потребна е промена на договорите на севкупниот начин на одлучување.

-За промена на договорите потребна е согласност на сите. Мислам дека ќе се оди на принцип на одземање на правото на глас на одредена држава членка, на основ на почитување на темелните права и функционалност на институциите на демократијата. Ова е нешто што и до сега се случувало, на пример се сеќавате пред повеќе години, одземање на правото на глас направија за Австрија, кога владата беше крајно десничарска, националистичка и фашистичка. Во такви услови, направија одземање на правото на глас на Австрија и мислам дека ќе одат кон такво решение кое што ќе биде еднократно за само една држава, меѓутоа за жал, тоа нема да влијае на другите држави. Ќе биде само за Украина и повторно ќе се јакне, додава Стојковски.

Токму поради ова, појаснува тој, ќе се создаде впечатокот дека станува збор за двојни аршини на Унијата, визави државите кои што сакаат да пристапуваат во членство.

-Не мислам дека ние сме блокирани од ЕУ. Мислам дека ние сме блокирани локално, овде дома кај нас, меѓутоа впечатокот кој што ќе се создаде е тој, за жал, потенцира Стојковски.

Универзитетскиот професор, Мерсел Биљали за „Локално“ посочува дека за да се укине едногласноста, треба да се има едногласност.

Мерсел Биљали Фото: Јутјуб/ принтскрин

-Ова е исто како за процесот на промена на Уставот на ЕУ, а Уставот на ЕУ се две акти – договор за ЕУ и договор за функционирање на ЕУ. Овие два договори практично се устави. Значи, за да се смени тоа не е доволна само политчка волја на луѓето кои што ги водат институциите, туку треба едногласност првенствено во Европскиот Совет, што практично претставува орган на шефовите на државите или на владите на државите членки на ЕУ. Еден од нив да биде против, нема да имаме пристап за измена на овие два акта, вели Биљаљи.

Тој е на ставот дека процесот е многу покомплициран, отколку како желба на многу луѓе во ЕУ. Сепак, посочува, ние не треба да се надеваме на ова, оти тоа е процес кој може да потрае три, четири или пет години.

Целта е повеќе од финансиска и безбедносна природа

Биљаљи сепак не се согласува дека целта на оваа иницијатива е прием на нови членки.

Тој вели дека за Европската Унија прием на нова членка е болна состојба – треба многу пари и енергија. Биљаљи е на ставот дека иницијативата за укинување на едногласноста е повеќе од финансиска природа.

-Мислам дека целта е да се укине ендогласноста за многу други важни прашања – од финансиска, од одбранбена и од безбедонсна природа. Тука е проблемот, не дека нив ги интересира дали некоја држава ќе спречи некоја членка или не, вели тој.

Од перспектива на Социјалдемократската групација на која и припаѓа и СДСМ, потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска за „Локално“ појаснува дека во нивната група на проширувањето се гледа како на фундаментален процес, во кој нема исклучени, а ниту има ексклузивни приоритизирања. Оваа групација, како што посочи, инсистира и земјите од Западен Балкан, да се на истата „забрзана трака“.

-Генерално, како СДСМ , подготвени сме на темпорална редуктивна асоцијативна врска со ЕУ, се до конечна цел за полноправно членство. ние сме во поддршка на квалификувано мнозинство, особено ако тоа може да ја исполни нашата стратешка цел – полноправно членство во ЕУ, вели Чупеска.

Б.Т.