Колку македонската плата е атрактивна за работници од Србија и Албанија: „Државата со 500-600 евра плата не наоѓа спремни службеници за своите потреби, а камоли за економијата“

од Nikola Popovski
389 прегледи

Граѓаните на Македонија, Србија и Албанија од 5 март можат да се пријават и да живеат и работат во која било од тие три земји како во нивната. Одлуката за воспоставување слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан ја потпишаа лидерите на земјите од Отворениот Балкан пред три години и три месеци. Според претходните проценки, слободниот пристап до пазарот на трудот на околу 11 милиони жители треба да го спречи понатамошниот одлив на мозоци и младите луѓе од регионот преку нудење можности за вработување, но и да одговори на зголемените барања за квалитетен кадар, како локални така и меѓународни компании кои работат во регионот. Тоа значи дека можете полесно и побрзо да отидете во Србија или Албанија, како и што тие можат да дојдат кај нас, но дали е прифатлива македонската плата?

Официјалните статистики на пазарот на трудот покажуваат многу приближни просечни (нето) плати-Албанија со околу 700 евра, Србија со 740 и Македонија со околу 650 евра. Според универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети, размената на работната сила со вакви приближно исти маргини не би била мотивирана од ниедна страна за да менува работна дестинација, дури и под „ceteris paribus“ (ако другите фактори остануваат непроменливи). Сепак, според него, не е само платата фактор на влијание и мора да се признае дека просечната плата не е индикатор за точен одговор на прашањето.

Акад. Абдулменаф Беџети

-Зависи какви се секторските плати, па се до специфичните профили и потреби, но и секторската понуда и побарувачка на трудот. На пример, може да се очекува дека ние би биле атрактивни за привлекување од Албанија во градежништво (и тоа во ѕидарство но не и во нискоградба), каде просечните плати кај нас се значително повисоки од причина на недостиг на работна сила. Генерално не се очекува некое посериозна размена на трудот помеѓу овие земји. Атрактивноста за нашите вработени започнува од Хрватска па на горе, и тоа пак за одредени секторски работници, на пример угостителство и туризам, а можеби и земјоделство и фармерство, вели професорот за „Локално“.

Беџети посочува дека „Отворен Балкан“ во никој случај не може трајно да го реши проблемот со недостигот на работна сила, затоа што, како што вели, сите три земји потписнички имаат ист проблем-недостиг на квалификувани и физички работници и растечки тренд на емиграција.

-Во трите земји, речиси под ист интензитет е присутен проблемот на асиметрија на пазарот на трудот. За индивидуални случаеви, во однос на специфични профили секако дека либерализацијата на пазарот на трудот це влијае затоа што се елиминирани бирократските пречки за слободно движење на трудот, но не и за потребите на економиите на трите земји со приближно исти стандарди во пазарот на трудот. Никој не би сменил место на работење и живот со вакви ниски или минимални маргинални ефекти со платите, дециден е академикот.

Според него, случајот на Албанија, каде многумина се враќаат од Грција, па и од Италија, не е ниту кај нас ниту во Србија. Многу фактори влијаат тука, смета Беџети.

Како државата да привлече работници, со оглед дека многу работни места „зјаат“ празни?

За професорот, со „Отворен балкан“ ниту се загрозува пазарот на трудот, ниту пак се придобива од горенаведените причини.

-Од оваа констатација, индивидуални исклучоци би имале и поради други фактори па се до „српска носталгија“ или пак „албански патриотизам“. Државата може да сака да привлекува, ама не е таа работодавач. Таа не наоѓа потребни профили за своите потреби. Денес со 500-600 евра плата, таа не наоѓа спремни службеници за своите потреби, а камоли и за економијата. Приватниот сектор би можел да исплаќа нето плата од 1.000 евра, но проблем е продуктивноста. Ние ја изгубивме работната култура и прашањето е денес не е платата, туку колку очекувате работа, објаснува Беџети.

Дециден е дека „младите ги научивме да не работаат и да живеат добро“.

-Со овој феномен допрва ќе се соочиме. Решението е долгорочно, почнувајќи од градинки, па се до универзитети, а не се гледа желба за да измени нешто. Само гледајте со што се натпреваруваат политичките партии, па се ќе ви биде јасно која е нашата перспектива во овој дел, оценува професорот.

Граѓаните на Србија, Северна Македонија и Албанија, кои сакаат да се вработат во некоја од членките на Отворен Балкан или веќе нашле работодавач, треба да имаат матичен број со кој ќе можат електронски да се регистрираат во неколку чекори. Треба да пополнат формулар на платформата (eУправа) и да приложат валиден биометриски документ. Врз основа на доставените податоци, надлежните органи преку платфотмата еУправа генерираат единствен идентификациски број на Отворен Балкан.

Заинтересираното лице потоа може да пристапи до порталот за еУправа на одредена земја и да поднесе барање за слободен пристап до пазарот на трудот. Конкретната земја по проверка ја донесува конечната одлука. По добивањето на одобрението, заинтересираното лице може да се вработи под исти услови како локален граѓанин на државата до две години, а по истекот може да се продолжи престојот, т. е. рокот на работната дозвола.

Н.П.

Слични содржини