Претседателот Стево Пендаровски остро ја критикуваше изјавата на в.д. шефот на бугарската дипломатија, Николај Милков. Тој официјално го обвини Скопје за, како што наведе, враќањето на колежот и насилството врз Бугарите. „Во однос на изјавата на техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, дека Македонија се враќа на традицијата на колежи и насилства. Единствено тоа е точно, ако мисли на периодот 1941-1944. Го повикувам бугарскиот министер Милков да се прошета до Ваташа, да види дел од таа традиција“, рече вчера Пендаровски. Тој исто така им предложил на Владата и МНР, да го прогласат бугарскиот пратеник Ангел Џамбаски за „персона нон-грата“, како и други бугарски државјани, поради понижување и негирање на македонскиот народ.
Ваквите пораки наидоа на одобрување и беа поздравени од поголемиот дел од јавноста. Сепак политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека во моментов не ни требаат поголеми тензии во односите со Бугарија. Тој во разговор за „Локално“ вели дека политичарите треба да се воздржуваат од „радикални“ изјави.
-Министерството за надворешни работи (МНР) има обврска некои работи да ги прави и тоа ги прави преку протестни ноти. Мислам дека ова повеќе е политички отколку со законски ефект затоа што треба дефинираш кој е радикал, како го дефинираш, има некоја теза како се дефинира, порачува Муслиу.
Според него, ако барањето на Пендаровски за протерување на бугарски државјани кои работат против интересите на Македонија и го поткопуваат нејзиниот интегритет е засновано на законски претпоставки, нема што Владата да реагира, туку треба судството.
-Треба обвинителот да покрене постапка. Си има процедура како на некој му се забранува влез во земјата. Ставот на претседателот и ставот на министерот за надворешни работи се релативно слични дека нема да се дозволи влегуваат и излегуваат луѓе кои негираат постоење на доминантната нација на територијата во која влегуваат, оценува соговорникот.
Аналитичарот е дециден дека нас не ни одговараат поголеми тензии на односите со источниот сосед.
-Не поради изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи затоа што таа повеќе беше политичка отколку заснована на реални можности. Ние ја имаме прочитано преговарачката рамка. Ставање на вето е малку комплицирана работа откако се одржа првата Меѓувладина конференција. Не може вето таму да се стави, туку можат да се допрат преговорите за одредени поглавја со мнозинство на пристапните преговори. За да дојде до тоа треба ние нешто тешко да ја оплескаме, за да ја „убедиме“ Бугарија дека не сме во право, ни укажа Муслиу и додаде:
-Ние сакаме да станеме членка, додека Бугарија може да добие некој укор, ама не можат да ја исфрлат од ЕУ. Деескалација не ни треба и не ни одговара во односите.
Од друга страна, професорот и поранешен амбасадор на Македонија во САД, Васко Наумовски во разговор за „Локално“ појаснува дека можеби изјавите од македонскиот државен врв се повеќе воздржани.
-Изјавите од македонскиот политички врв се реакција на изјавите кои доаѓаат од бугарска страна, пришто можеби изјавите од наша страна се повеќе воздржани. Бугарија влегува во предизборен период, кога прашањето за односите со Македонија повторно ќе биде злоупотребено во кампањата, а партиите ќе се натпреваруваат во радикалноста на нивните ставови за ова прашање, вели Наумовски.
За барањето на Пендаровски за прогласување на бугарските радикали за персона нон грата во нашата земја, Наумовски очекување позитивен епилог од Владата.
-Имајќи предвид дека овој заклучок произлезе од седница на Советот за безбедност, каде што членуваат и премиерот и министрите од безбедносните ресори, очекувам соодветните владини институции да го имплементираат во пракса, потенцира професорот.
На прашањето дали забраната за влез на Ангел Џамбаски, ќе значи и застој во преговорите со ЕУ, дипломатот смета дека нема простор за поголема загриженост.
-Партијата од којашто доаѓа овој евро-пратеник не успеа да добие ниту еден пратеник во бугарското собрание, што ја покажува неговата важност во бугарското општество. Преку екстремни ставови се прават обиди за зголемување на рејтингот, особено во предизборен период. И во иднина ќе има настани кои ќе бидат искористени за заострување на реториката на официјална Софија, но тоа нема значително да ги загрози преговорите, одговори Наумовски.
Н.П.