Колумбискиот претседател им нуди спогодба за нарко-картелите: „Прифатете, ќе добиете бенефиции“

од Stefanija Kuzmanovska

Колумбискиот претседател Густаво Петро предложи трговците на дрога, кои ќе ги испочитуваат владините услови, ќе се предадат и ќе ги напуштат понатамошните криминални активности, да не бидат екстрадирани во странство, пренесе „Ројтерс“.

Петро, ​​кој ја презеде функцијата овој месец со ветувања дека ќе донесе „тотален мир“ во Колумбија, рече дека неговата влада е во контакт со различни вооружени групи кои сакаат да преговараат за излез од конфликт кој владата го води со нарко-картелите, наведе британската агенција.

Тој, исто така, значително ја доведе во прашање ефективноста на екстрадицијата, правна алатка што САД ја сметаат за моќна пречка за криминал.

Неговата влада понуди правни отстапки, како што се намалени казни за членовите на криминалните групи кои обезбедуваат информации за трговија со дрога и предаваат оружје, наведе „Ројтерс“.

„Дилерите на дрога кои нема да преговараат со државата ќе бидат екстрадирани, а доколку ги прекршат условите од постигнатите договори и повторно сторат кривично дело, ќе бидат екстрадирани, без никакви преговори во САД“, изјави Петро за новинарите.

Членовите на американската делегација кои оваа недела беа во Богота изјавија дека администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден ја препознава заедничката одговорност за трговијата со дрога и потребата да се справи со неа на начин што нема да има последици за и онака ранливото население на Колумбија.

Стотици илјади луѓе загинаа во повеќедецениската граѓанска војна во Колумбија, делумно поттикната од трговијата со дрога.

Слични содржини