Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговори на новинарско прашање коментирајќи дека пред дводневниот самит на НАТО, Турција сепак даде зелено светло за прием на Шведска во западната воена алијанса, по едногодишна блокада поради обезбедување засолниште на луѓе, кои Анкара ги смета за терористи.
Турскиот претседател Таип Ердоган се обидува да одржува пријателски односи со Москва и Киев за време на војната во Украина, која трае веќе 16 месеци. Тој одби да се приклучи на западните санкции против Русија и го покани рускиот претседател Владимир Путин да ја посети Турција во август.
Русија го гледа проширувањето на НАТО како закана за нејзината безбедност, но Песков ја минимизираше оценката на новинарот дека Турција се оддалечува од Русија и се приклонува кон Запад.
„Турција може да се сврти кон Запад, знаеме дека во историјата на Република Турција имало периоди на интензивна ориентација кон Запад, но дека имало и периоди со помал интензитет“, рече Песков на брифинг со новинарите.
„Но, ние исто така знаеме дека никој не сака да ја види Турција во Европа. Мислам на Европејците. И нашите турски пријатели не треба да носат розови очила“, додаде Песков, алудирајќи на деценискиот отпор на ЕУ кон членството на Турција.
Турција аплицираше за влез во европскиот блок во 1987 година.
Претходно во понеделникот, Ердоган неочекувано ја поврза согласноста на Турција за прием на Шведска во НАТО со влезот на Турција во ЕУ.
Тој рече дека Европската унија треба да го расчисти патот за Турција да влезе во ЕУ пред турскиот парламент да го одобри приемот на Шведска во НАТО, но европските лидери рекоа дека не можат да ја прифатат таа врска.
Откако Анкара го отвори патот на Шведска за влез во НАТО, Шведска одговори дека активно ќе го поддржи турскиот процес за пристапување во Европската унија.
Шведска се согласи „како членка на ЕУ активно да ги поддржува напорите насочени кон заживување на процесот на пристапување на Турција во ЕУ“, изјави вчера генералниот секретар на НАТО.
Песков рече дека Русија разбира оти Турција, како членка на НАТО, мора да го стори тоа, додавајќи дека Москва сака да продолжи да гради заемно корисни односи и покрај „сите несогласувања“.