Комерцијална банка прогласена за Банка на годината во 2021 година од магазинот The Banker

од Vladimir Zorba
259 прегледи

За „Банка на годината во 2021 година во Република Северна Македонија“ е прогласена Комерцијална банка АД Скопје. Оваа престижна награда финансискиот магазин The Banker ѝ ја доделува на Комерцијална банка втора година по ред, препознавајќи ги нејзината клучна улога во поддршката на економското закрепнување во земјава и излегувањето во пресрет на потребите на клиентите.

Исклучителноста на предизвиците наметнати од пандемијата и постигнатиот успех во 2021 година нѐ прават горди на наградата „Банка на годината“ како никогаш досега. Комерцијална банка е прогласена за „Банка на годината во Северна Македонија“ вкупно 9 пати досега.

Главниот финансов директор и член на Управниот одбор, д-р Маја Стевкова Штериева, имаше свое обраќање на вчерашното свечено прогласување на победниците во Лондон, кое и годинава имаше свое Интернет издание поради мерките за заштита од вирусот Covid-19, и во името на Комерцијална банка се заблагодари за признанието „Банка на годината во Република Северна Македонија“.

„2021 беше уште една година исполнета со предизвици, во која продолженото економско влијание на пандемијата бараше преземање претпазливи одлуки. Ние сме многу задоволни и горди што успеавме да ги надминеме овие предизвици и да продолжиме да бидеме фактор на стабилност за нашите клиенти и партнери“, изјави д-р Стевкова Штериева.

За оваа награда магазинот The Banker (издание на Financial Times) разгледува широк спектар на критериуми. Наградата се доделува на банките кои покажале успешни финансиски резултати, успех во целокупната деловна стратегија, со кој оствариле конкурентска предност, унапредување и развој на технологијата и на производите и услугите, како и соодветен одговор на кризата наметната од Covid-19. Магазинот годинава преку ова признание ги наградува банките кои вложија дополнителен напор за поддршка на своите клиенти и поширокото општество, понудија нови дигитални производи и услуги, со кои станаа побрзи на пазарот и поиновативни, и се истакнаа со својата посветеност на градење поодржлив и поинклузивен свет.

Во овие времиња на предизвици, Комерцијална банка потврди дека, покрај останатите вредности на кои може да биде горда, довербата е на врвот на листата. Нашите клиенти веруваат во нас и очекуваат да се справиме со сите предизвици, без оглед на сѐ. И ние во Комерцијална банка веруваме во нашиот капацитет за исполнување на нивните очекувања и во нашата определа дека Полесно е заедно. Токму затоа во годината во која се справуваме со продолженото влијание на пандемијата, Банката повторно најде инспирација во потребите и довербата на своите клиенти, а за возврат им овозможи ново и подобрено корисничко искуство преку ребрендирање, визуелно освежување и понуда на нови и дополнети производи и услуги прилагодени токму на нивните потреби.

Слични содржини