Комисијата за европски прашања ги проследи измените на Кривичниот законик во натамошна постапка

од Radmila Tasevska
318 прегледи

Собраниската Комисијата за европски прашања денеска го проследи во натамошна постапка предлогот на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка. Законските измени се на дневен ред на 125. седница.

Предложените измените на Кривичниот законик главно се однесуваат на измени на членови кои ги засегаат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, а се предлагаат и измени на кои се однесуваат на загрозување на животната средина.

Предложените законски измени пред членовите на комисијата ги образложи заменик мистерката за правда Викторија Аврамовска – Мадиќ, која рече дека намерата била да се обезбедат јасни, прецизни и цврсти описи на кривичните дела и дека предлог-измените ќе доведат до проширување на опфатот на дела за кои ќе се предвидува конфискација. За предлог-измените реагираа опозициските партии, но не поднесоа амандмани.

Во измените на Кривичниот закон се брише ставот 5 од членот 353 кој предвидуваше затворска казна од најмалку 5 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при вршење на јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот. Во измените на овој член новина има и со додавањето на став кој предвидува одземање на прибавената имотна корист.

Со измените во членот 353-в, кој се однесува на делото „несовесно работење во службата“, за кое досега беше предвидена казна од минимум три години затвор за службено или одговорно лице во јавно претпријатие или установа кое ќе прибави значителна имотна корист, казната е намалена на шест месеци до пет години.

Наместо максималните десет години затвор кои досега беа предвидени во членот 394 казните за „злосторничко здружување“, односно за тој што ќе создаде група или банда, со измените се предвидува максимална казна затвор до три години.  Намалување има и за членовите на групата или бандата кои ќе извршат кривично дело, максималната казна затвор од 5 години се намалува на максимални 2 години. Токму со делото „злосторничко здружување“ беа опфатени и голем број на обвинетите во предметите од СЈО.

Целта на донесувањето на овој закон, како што се наведува во Предлогот, е усогласување на Кривичниот законик со меѓународните документи. Предлогот на законот се заснова врз истите начела врз кои се заснова Кривичниот законик.

Во денешната дискусијата за предлогот учествуваа пратениците Ели Панова, Александар Николоски, Снежана Калеска Ванчева, Бојан Стојаноски, Антонијо Милошоски, Гордана Силљановска Дафкова, Дејанчо Ефтимов, Миле Лефков, Рашела Мизрахи и заменик министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ.

Слични содржини