Стопанската комора, поддржана од 20 свои реномирани членки, кои што се меѓу најголемите економски чинители во земјата, бара од „Македонска берза” да се одложи примената на одлуката со која што се вршат измени и дополнувања на правилата за котација и кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва котирани на „Македонската берза АД Скопје”.
Најголемата бизнис-асоцијација во државата изминатиов период со две иницијативи се обрати до „Македонска берза” со кои што споменатите правила и кодекс се бара да се одложат и нивната примена да почне напролет во 2023, а за тоа да се вгради соодветна изјава во годишните изјави за работа за 2022 година. Измените и дополнувањата на правилата за котација и кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва котирани на „Македонската берза АД Скопје” стапија на сила на 26 октомври 2021 година.
Компаниите-членки на Стопанската комора укажуваат дека на 3 ноември годинава доставиле иницијатива за одложување до „Македонска берза”, притоа подвлекувајќи дека кодексот е донесен без претходни консултации со бизнис-заедницата. Иако од берзата го тврдат спротивното, овој пат 20 компании, со свои потписи потврдуваат дека, сепак, консултации не се извршени и уште еднаш бараат одложување на правилата и кодексот.
Членките на Стопанската комора, што се дел од оваа иницијатива, укажуваат дека условите за работа се исклучително тешки. Покрај здравствената криза што трае речиси две години, тие се соочени и со економска и со енергетска криза. Сите овие процеси наметнуваат превземање чекори со цел да се одржи деловната активност, зголемување на конкурентноста и продуктивноста, како и настапот на странски пазари.
Имајќи го тоа предвид, Стопанската комора бара од „Македонска берза” да излезе во пресрет, да покаже разбирање и да ја прифати оваа иницијатива.